Showing posts with label свет. Show all posts
Showing posts with label свет. Show all posts

Wednesday, January 1, 2014

Дузина земји имаат повеќе од еден главен град

Дури дузина земји во светот имаат повеќе од еден главен град. Поголем дел од овие земји ги поделиле административните, законодавните и судските седишта помеѓу два или повеќе града, во зависност од волјата на диктаторот, неможноста да се договорат или, едноставно, поради функционалност. Ова се 12-те земји со повеќе главни града:

Брегот на Слоновата Kоска
Уште во 1983 година, претседателот Феликс Уфуе Боањи го преселил главниот град на државата Абиџан во неговиот роден град Јамусукро, кој останал главен град, а другите институции се во Абиџан.

Бенин
Порто Ново е главен град на државата, но во Kотону е седиштето на владата.

Боливија
Административното седиште на Боливија е Ла Паз, но судската и законодавната власт се во Сукре.

Израел
Во 1950 година Израел го прогласи Ерусалим за главен град, но поголемиот дел од државите своите амбасади ги оставија да бидат во Тел Авив.

Малезија
Оваа држава сите административни функции ги пресели од Kуала Лумпур во предградието Путраџаја, оддалечено 25 километри од градот.

Мјанмар
Од 2005 година главното владино седиште е преселено од Рангун во Нејпјидо. Така службен главен град останал Рангун, но повеќето од административните институции не.

Нигерија
Главниот град официјално се пресели од Лагос во Абуџа во 1991 година. Иако тоа се случи пред повеќе од 20 години, во Лагос и денес има многу службени институции.

Холандија
Главниот град на Холандија е Амстердам, но седиштето на владата и на монархијата се во Хаг.

Јужна Африка
Јужна Африка е земја со три главни града. Преторија е административно седиште, во Kејп Таун е законодавната власт, а во Блумфонтејн е судското седиште.

Шри Ланка
Kоломбо веќе не е главен град на Шри Ланка, туку Хаџеварденепура, предградие на Kоломбо.

Свазиленд
Мбабане е административно седиште, а во Лобамба е законодавната власт.

Извор: Дневник

Tuesday, December 31, 2013

Новогодишни суеверија и обичаи: Шпанците јадат грозје, Kинезите ги кријат ножевите

Новата година симболично претставува обновување на животот, а народните обичаи врзани за овој ден влечат корени уште од далечното минато. Прославата на заминувањето на старата и доаѓањето на новата година е стара религиска, општествена и културна традиција во речиси сите делови од светот, но секоја земја практикува разни обичаи за овој празник.

Така, за Германците, новогодишната ноќ не може да мине без огномет за што секоја година се трошат по 100 милиони евра. Овој обичај потекнува од старото верување дека старата година треба да се испрати со што повеќе врева за да се растераат злите духови. Интересно е и верувањето врзано за домашните работи, според кое, оние што за Нова година перат и сушат алишта ќе мора да работат напорно во текот на целата година.

Долната облека во жолта боја се верува дека привлекува позитивна енергија и носи просперитетна година, а црвената долна облека ќе донесе година исполнета со романтика и страст.

Сe е до гаќите

Сините гаќи, се вели, дека носат добро здравје, зелените среќа, белите мир, радост и среќа, а розовите среќа на љубовен план. Италијанците веруваат дека црвената долна облека носи и плодност. Тие на 2 јануари ги исфрлаат сите стари и непотребни предмети низ прозорците од своите домови вклучувајќи ја и долната облека.

И во други земји во светот се верува дека секој предмет во облик на прстен носи среќа бидејќи симболизира полн круг, односно крај на еден циклус. Затоа Холанѓаните за Нова година јадат крофни бидејќи сметаат дека ќе им донесат среќа. Шпанците, пак, точно на полноќ јадат 12 зрна грозје за да бидат среќни во сите 12 месеци од претстојната година.

Во Данска новата година започнува со скршени чинии пред куќниот праг. Имено, жителите на оваа земја ги чуваат старите чинии во текот на целата година и кога ќе чукне полноќ, во новогодишната ноќ, ги фрлаат пред влезните врати на своите пријатели. Оној што има куп скршени чинии пред својот дом, значи дека има многу пријатели.

Свечениот новогодишен ручек во Австрија се состои од печено месо како симбол на среќа и благосостојба, а за десерт се подготвува сладолед од ментол во облик на четирилисна детелина. Норвежаните припремаат пудинг од ориз во кој кријат еден бадем, а оној што ќе го пронајде бадемот во својата чинија ќе го следат среќа и богатство во текот на целата година.

Темелно чистење во Јапонија

Грците пред влезната врата веднаш по полноќ кршат калинка затоа што веруваат дека семето ќе им донесе просперитет и среќа. Некои Грци закачуваат кромид на нивната влезна врата за да ги варди од лошите духови. Грците, како и Македонците, ја красат трпезата со симболи на среќа и богатство, како ореви, мед, свежо овошје и маслинови гранки.

За Јапонците, пречекот на Новата година трае цел ден, а започнува во утринските часови со темелно чистење на куќата со цел да се истера правот од минатото и да се подготви домот за успех во претстојната година.

Сите врати во Kина за Нова година се украсени со нешто црвено бидејќи оваа боја симболизира среќа и веселба, а прозорците се декорираат со украси од хартија на тема среќа, богатство, долговечност и брак со многу деца. Исто така, од домовите се отстрануваат сите ножеви на 24 часа за некој да не се повреди случајно бидејќи таа незгода би значела дека таа личност ја пресекла семејната среќа за претстојната година.

Пасошот во куфер за патувања

Чилеанците, како и повеќето народи од Латинска Америка, веруваат дека ако го прошетате својот спакуван куфер низ маалото, ќе патуваат многу во новата година. Според друг хиспано-обичај, оние што сакаат да патуваат треба да го стават својот пасош со куфер, да истрчаат на улица со него и да се вратат дома на полноќ.

Извор: Дневник