Saturday, June 2, 2012

Серијал - градови домаќини на EURO 2012 во Полска и Украина: Харков

Украинскиот град Харков ќе биде домаќин на групата Б, односно „групата на смртта“ каде се наоѓаат Холандија, Германија, Португалија и Данска.
harkov-500
Град: Харков.
Држава: Украина.
Провинција: Харковска област.
Жители: 1.461.000.
Стадион: ФК Металист, капацитет 35.000 седишта.
Харков е вториот град по големина во Украина, основан 1654 година од страна на козачкиот одред по команда на Иван Каркаш. На само 60 км од руската граница Харков е под силно руско влијание и во 1917 година таму бил прогласен СССР и била формирана советската влада. Се до 1934 година Харков бил главен град на советска Украина, а потоа седиштето било преселено во Киев.
Денес Харков е главен административен центар на Провинцијата Харковска област. Градот е најголемиот научно-истражувачки центар во Украина со 60 институти и 13 универзитети. Тој е еден од најголемите индустриски центри со акцент на машинската индустрија.
harkov-2500
Во Харков се наоѓа и плоштадот „Слобода“ кој е деветти најголем плоштад во светот. Покрај плоштадот во Харков на странците им се препорачува да се посетат и паркот на детската железница, првиот советски облакодер „Дерзпром“, кој извесно време бил највисока зграда во Европа. Во Харков треба да се посетат и паркот „Шевченко“ во кој има грандиозни статуи на Ленин и поетот Тарас Шевченко. Во лето овој парк се претвора во клуб на отворено, катедралата Блаховисченски и Ринок - голем пазар, каде што може да купите бројни сувенири, но и разни предмети остаток од советската ера.
harkov-stadion-500
Харков беше избран да биде еден од градовите домаќини на ЕУРО 2012 и за таа цел беше комплетно реконструиран стадионот „Металист“. Капацитетот од 42.000 седишта беше намлен на 35.000 седишта. За негова реконструкција беа потрошени околу 60 милиони евра и беше ре-отворен во 2009 година. На овој стадион ќе бидат одиграни три натпревари во групната фаза, сите три на холандската репрезентација.
harkov-stadion2-500
Фан зоната ќе има капацитет од 50.000 посетители и ќе биде сместена на плоштадот „Слобода“ во самиот центар на градот. Во деновите кога има натпревари ќе работи од 12:00 до 01:00 часот по полноќ - локално време, а во другите денови од 16:00 до 00:00 часот. На три џиновски екрани ќе бидат пренесувани сите натпревари, вкупно 31. Фан зоната ќе понуди и концерти, забави со ди-џеи, терени за мал фудбал и многу штандови со храна и пијалоци. Влезот ќе биде слободен.
За да пристигнете во Харков најдобро е да се користи воз или авион преку аеродромот „Основа“, кој е на 8 км од градот.

Серијал - градови домаќини на EURO 2012 во Полска и Украина: Познањ

Познањ ќе биде домаќин на Групата Ц, односно на репрезентациите на Хрватска и Италија кога ќе ги играат нивните натпревари против Шпанија, односно Ирска.
poznan-500

Град:
Познањ.
Држава: Полска.
Провинција: Великополска.
Жители: 557.000.
Стадион: „Мунисипал“, капацитет 40.000 седишта.
poznan-grad-500
Градот Познањ е основан на островот Тумски помеѓу реките Варта и Кубина. Подоцна со зголемување на популацијата започнала и миграцијата на копното покрај Варта, каде што во 1225 година бил преместен и центарот на градот.
Познањ бил првиот полски главен град се до 1039 година кога престолнината била преместена во Краков. Во Познањ, Полјаците првпат започнале да го примаат христијанството како религија и заради тоа таму се наоѓа најстарата катедрала во државата. Под пруско-германска власт бил од 1793 год. до 1919 год. Оттогаш со „Версајскиот договор“ повторно се враќа под Полска управа.
poznan-grad2-500
Денес Познањ е најразвиениот трговски центар во Западна Полска и еден од најразвиените градови во државата. Доколку отидете во Познањ ви препорачуваме да го посетите островот Тумски, каде што се формирал градот. Постојани жители на остовот се само свештениците и калуѓерите, кои служат во неколкуте катедрали на островот. Таму се наоѓа и првата полска катедрала Св. Петар и Павле.
Треба да се посети и „Стари Ринек“ , еден од најубавите средновековни плоштади во цела Европа кој е перфектно конзервиран и реконструиран после бомбардирањата од Втората светска војна. Таму се наоѓа Градската хала, најубавата ренесансна градба северно од Алпите. На овој плоштад може да посетите и дел од многубројните цркви и палати. Во Познањ треба да се посети и улицата „Шродка“, на која можете да видите десетици работилници за стари рачни занаети и кафеани во традиционален стил.
pzonanj-stadion500
Познањ беше избран да биде еден од градовите домаќини на ЕУРО 2012 и за таа цел беше комплетно реконструиран стадионот „Мунисипал“. Капацитетот од 45.000 седишта беше намален на 40.000. Стадионот е изграден во 1980 год. Со реконструкцијата се започна во 2003 година и повторно беше отворен во 2010 година. На овој стадион ќе бидат одиграни три натпревари во групата „Ц“.
Фан зоната има капацитет од 30.000 посетители и ќе биде сместена на плоштадот „Волношчи“ (слобода) во близина на автобуската и железничката станица во градот. Во деновите кога има натпревари ќе работи од 12:00 до 01:00 часот по полноќ - локално време, а во другите денови од 16:00 до 00:00 часот. На џиновски екран од 120 м2 ќе бидат пренесувани сите натпревари, вкупно 31. Фан зоната ќе понуди и концерти, забави со ди-џеи, терени за мал фудбал, игри за тестирање на индивидуалните фудбалски вештини и многу штандови со храна и пијалоци. Влезот ќе биде слободен.
poznan-stadion2-500
За да пристигнете во Познањ можете да ги искористите добрите врски со воз или автобус од цела Западна и Средна Европа. Исто така можете да пристигнете и преку аеродромот „Лавица“, кој е на 7 км од градот.
Мотото на овој град за ЕУРО 2012 гласи: „ Познањ - Источна енергија, западен стил“.

Серијал - градови домаќини на EURO 2012 во Полска и Украина: Л’вов

Украинскиот град Л’вов ќе биде домаќин на натпреварите на Данска и Германија во групната фаза од Европското првенство.
lvov-500
Град: Л’вов.
Држава: Украина.
Провинција: Л’вовска област.
Жители: 735.000.
Стадион: „Арена Л’вов“, капацитет 30.000 седишта.
Л’вов е формиран 1247 година од страна на Кралот Данило Халитски изграден врз средновековниот град викан „Ред рутениа“ или Цврениот рус. Овој град бил наречен „Градот на лавот“ по името на синот на Данило, Лав. Името Л’вов го добил во преиодот кога паднал под Полска окупација. По Втората светска војна на конференцијата во Јалта, Л’вов бил интегриран во советска Украина. Порастот на украинскиот национализам во градот се смета за клучен момент во процесот на осамостојувањето на Украина во 1991 година.
lvov3-500
Л’вов се наоѓа на листата на УНЕСКО како светско културно наследство, а самото тоа го прави еден од главните туристички центри во Украина. Во стариот дел на градот се наоѓа плоштадот „Ринок“, каде што во радиус од 200 метри може да се видат десет цркви, кои се само дел од двестотините во градот. Во Л’вов можете да погледнете некој од многубројните музеи или галерии, или пак да се искачите до високиот замок и да уживате во панорамата на градот.
lvov2-500
Овој украински град беше избран да биде еден од градовите домаќини на ЕУРО 2012 и за таа цел за само три години (2008 - 2011 год.) е изграден стадионот „Арена Л’вов“. Капацитетот на арената изнесува 30.000 седишта. За неговата изградба беа потрошени околу 210 милиони евра. Отворен е 2011 година со настапот на светската музичка ѕвезда Анастасија. На овој стадион ќе бидат одиграни три натпревари од групата „Б“.
arenal-lvov-500
Фан зоната ќе има капацитет од околу 25.000 посетители и ќе биде сместена на авенијата „Слобода“ во најпрометниот дел на градот. Во деновите кога има натпревари ќе работи од 12:00 до 00:00 часот по полноќ - локално време, а во другите денови од 16:00 до 22:00 часот. На неколку места поставени се видео бимови на кои ќе бидат пренесувани сите натпревари, вкупно 31. Фан зоната ќе понуди и концерти, забави со ди-џеи, терени за мал фудбал и многу штандови со храна и пијалоци. Влезот ќе биде слободен.
arena-lvov2-500
За да пристигнете во Л’вов најдобро е да користите воз. Аеродромот во близина на градот нема развиена мрежа на летови, па заради тоа подобро е да го користите аеродромот во полски Краков кој е најблизок поголем аеродром до оној во Л’вов. Автобусите исто така се добар избор да пристигнете во Л’вов, но автобуската станица е на 8 км од градот.
Мотото на Л’вов за ЕУРО 2012 гласи: „Л’вов отворен кон светот.“

Серијал учесници на EURO 2012: Данска


Данска е третата репрезентација која ќе игра во „групата на смртта“ и фудбалските аналитичари на оваа репрезентација и даваат најмали шанси за пласман во втората фаза од Европското првенство.

Група Б: Данска.

Состав: 

Голмани: Стефан Андерсен (Евиан), Андерс Линдегаард (Манчестер Јунајтед) и Каспер Шмајхел (Лестер Сити). 

Одбрана: Ларс Јакобсен (ФК Копенхаген), Михаел Силбербауер (Јанг Бојс), Андреас Биеланд (Нордсјеланд), Симон Поулсен (АЗ Алкмаар), Даниел Вас (Евиан), Симон Кјаер (Рома), Даниел Агер (Ливерпул) и Јорес Окоре (Нордсјеланд). 

Среден ред: Вилијам Квист (Штутгарт), Кристијан Поулсен (Евиан), Ники Зимлинг (Бриж), Јакоб Поулсен (ФК Митјиланд), Ласе Шуне (Нејмеген), и Кристијан Ериксен (Ајакс). 

Напад: Денис Ромедал (Брондби), Тобајас Микелсен (Нордсјеланд), Михаел Кроно-Дели (Брондби), Томас Каленберг (Евиан), Никлас Бендтнер (Сандерленд) и Никлас Педерсен (Гронинген). 

Селектор: Мортен Олсен. 

Данска ќе го забележи своето осмо учество на еврошампионатите, а најголемиот успех го постигна 1992 кога стана шампион на Европа.
Во квалификациите за ова ЕП, Данска изненадувачки заврши на првото место пред фаворитот Португалија.
Селекторот Мортен Олсен практикува типичен скандинавски фудбал со акцент на физичката игра, играта без топка и пресинг по цел терен. Главно игра во формација 4-2-3-1 со Бентнер во нападот.
Капитен на Данска е Даниел Агер од Ливерпул. Тој заедно со Никлас Бентнер од Сандерленд се предводници на оваа Данска генерација, а ветеранот Денеис Ромедал и младиот Кријстијан Ериксен се нивната главна поддршка. Токму од 19 годишниот Ериксен, кој важи за еден од најталентираните млади играчи во светот, се импресионирани и неговите соиграчи во репрезентацијата.
- Тој е вистинското оружје за нас, иако е многу млад Ериксен ни ја донесе толку потребната креативност во средниот ред. Тој е неверојатен подеднакво добро игра со двете нозе и има специфичен шут, едноствано тој игра брилјантно како прекален ветеран а не како тинејџер, изјави капитенот Агер после контролниот меч со Бразил.
Самиот пласман на ЕП претставува голем успех за Данска, а со оглед на тоа дека се наоѓаат во најтешката група, евентуалниот пласман во четвртфиналето ќе биде еднаков на сензација.
Иако на Данска не и се даваат никакви шанси за пасман во следната фаза, Германија, Португалија и Холандија не треба да ја потценуваат, зато што токму Данска го има приредено едно од најголемите изненадувања во историјата на континенталините натпреварувања. Имено, во 1992 год. на Данска по администаривен пат и беше доделено место на првенството по откажувањето на Југославија и без соодветни подготовки со за кратко време собран тим, успеа да се искачи на врвот. Тоа што тогаш противниците ја потценуваа Данска, всушност беше главното оружје на тимот, со кое успеа да ги изненади сите.

Коефициент за титула: 81.

ФИФА ранг-листа: 10

Извор: vest.mk

Серијал учесници на EURO 2012: Германија

Германија е во групата „Б“ наречена „група на смртта“ заедно со Данска, Холандија и Португалија.
Група „Б“: Германија. 

Состав:

Голмани: Мануел Ноер (Баерн), Тим Визе (Вердер) и Рон-Роберт Цилер (Хановер).

Одбрана: Холгер Бадштубер (Баерн), Жером Боатенг (Баерн), Бенедикт Ховедес (Шалке 04), Матс Хумелс (Дортмунд), Филип Лам (Баерн), Пер Мертезакер (Арсенал) и Марсел Шмелцер (Дортмунд).

Среден ред: Ларс Бендер (Леверкузен), Марио Геце (Дортмунд), Илкај Гундоган (Дортмунд), Сами Кедира (Реал Мадрид), Тони Крос (Баерн), Томас Милер (Баерн), Месут Озил (Реал Мадрид) Марко Ројс (Минхенгладбах), Андре Шорле (Леверкузен) и Бастијан Швајнштајгер (Баерн).

Напад: Марио Гомез (Баерн), Мирослав Клосе (Лацио) и Лукас Подолски (Арсенал).

Селектор: Јоаким Лев.

Германија официјално го има најмладиот состав на ЕП со просечна возраст од 24,4 години. И покрај тоа, тие важат за едни од главните фаворити за шампионскиот пехар заедно со репрезентацијата на Шпанија.

Германциите лесно ги поминаа квалификациите и први обезбедија пласман на ЕУРО 2012 со десет победи од десет натпревари. Досега учествувале на десет ЕП. Германија шампион била трипати: во 1972, 1980 и 1996 година. Финале играла уште двапати во 1992 и 2008 год. Германската репрезентација нема освоено голем трофеј веќе 16 години.

Селекторот Јоаким Лев практикува модерен и брз фудбал и со фуриозна игра ги „гази“ своите противници. Тој верува дека оваа генерација веќе е зрела да ја помине и последната пречка и да го освои ЕП.

- Време е Германија да оди скалило погоре, изјави Лев кога го соопштуваше составот, мислејќи на поразот во финалето од ЕУРО 2008 со Шпанија.

Неговот оптимизам го делат и челниците на фудбалската федерација на Германија исто како и спортската јавност во земјата. Тие велат дека само титулата би била успех, игноририајќи го фактот дека уште во групната фаза треба да се сретнат со репрезентации како Холандија и Португалија, кои исто така претендираат на самиот врв.

Лев осврнувајќи се на тежината на групата изјави: - Не сакам да потценам никого, нашите противници се квалитетни, но да не се помине групата, за нас не е опција. Ние сме спремни, самоуверени и одиме кон целта.

Проблем за Германија може да биде формата на „моторот“ на тимот, Бастијан Швајншатјгер, кој после скршеницата на клучната коска и паузата, никако не успева да ја пронајде својата препознатлива игра. Но, тука се Кедира и Озил од Реал Мадрид, како и триото од Баерн: Гомез, Милер и Лам. На голот го имаат Мануел Ноер, во моментов еден од најдобрите голмани во светот. Во нападот друштво на Гомес ќе му прават Подолски и ветеранот Клосе. Доколку капитенот Швајнштајгер не ја подигне играта, тогаш главен играч на „панцирите“ треба да биде Месут Озил. Од младите ѕвезди Геце и Крос се очекува да се докажат и на интернационално ниво.

Капитенот Швајнаштајгер ќе го има деведесеттиот настап за националниот тим и ова ќе биде негово петто големо натпреварување. Тој за сајтот на УЕФА изјави: - Ова е најдобриот тим што Германија го имала, откако јас играм за репрезентацијата и мислам дека сме дораснат противник за Шпанија и можеме да ги симнеме од тронот.

Коефициент за титула: 3.75.

ФИФА ранг-листа: 2.

Извор: vest.mk

Серијал учесници на EURO 2012: Португалија

Португалија на Европското првенство ќе игра заедно со Данска, Германија и Холандија во групата „Б“ или како што во фудбалските кругови поради силните противници ја нарекуваат „група на смртта“. Според фудбалските аналитичари ова е групата од која ќе произлезе идниот европски шампион.

Група Б: Португалија

Состав:

Голмани: Руи Патрисио (Спортинг Лисабон), Едуардо (Бенфика) и Бето (Клуж).

Одбрана: Бруно Алвес (Зенит), Фабио Коентрао (Реал Мадрид), Жоао Переира (Спортинг Лисабон), Пепе (Реал Мадрид), Рикардо Коста (Валенсија), Роландо (Порто) и Мигел Лопез (Спортинг Брага).

Среден ред: Хуго Виана (Спортинг Брага), Жоао Моутиньо (Порто), Кустодио (Спортинг Брага), Мигел Велозо (Џенова), Раул Меирелеш (Челзи) и Рубен Микаел (Сарагоса).

Напад: Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), Хуго Алмеида (Бешикташ), Хелдер Постига (Сарагоса), Нани (Манчестер), Нелсон Оливеира (Бенфика), Рикардо Кваресма (Бешикташ) и Силвестре Барела (Порто).

Селектор: Пауло Бенто.

За Португалија ова ќе биде седмо учество на ЕП. Двапати биле полуфиналисти, и тоа во 1984 и 2000 година и еднаш финалисти во 2004 кога беа и домаќини на првенството.

Селекторот Пауло Бенто за ова првенство повика дури седум напаѓачи, потег кој ја изненади спортската јавност во Португалија и пошироко во Европа. Бенто ја презеде репрезентацијата на Португалија по неколкугодишна работа во Спортинг Лисабон, период во кој освои само еден супер-куп и нема друго сениорско тренерско искуство. Тој изјави дека зборувал со луѓето од Фудбалската федерација на Португалија и се согласиле дека поминувањето низ најтешката група на ЕП ќе се смета за успех.


Со оваа изјава на селекторот не се согласуваат медиумите во Португалија, ниту Кристијано Роналдо. Тие сметаат дека имаат генерација за освојување златен медал. Медиумите воедно го критикуваат Бенто дека нивната репрезентација прима премногу голови, бидејќи тој практикува формација 4-3-3, во која и двајцата бекови одат често во напад особено Коентрао, кој почесто е пред противничкиот отколку пред својот гол, со што оставаат премногу простор за контрите на противниците.

Иако португаскиот состав изобилува со звучни имиња, сепак, нема доминантна игра, со која „ги гази“ своите противници. Доказ за тоа се и квалификациите, каде што во конкуренција на Данска, Португалија мораше да игра дополнителни баражи со БиХ.

Има повеќе причини за ваквата игра. Главната ѕвезда во тимот, Кристијано Роналдо, во повеќе случаи и во дресот на Реал Мадрид докажа дека не е играч кој одлучува клучни натпревари, а такви во нивната група веројатно ќе бидат сите три натпревари. Во одбраната многу работи ќе зависат од играта и однесувањето на Пепе, кој често прави непромислени потези и добива исклучувања.

Повредата на Дани од Зенит Санкт Петерсбург исто така сериозно му ги намали опциите на Бенто во средниот ред. Бидејќи Дани беше единствениот играч, кој може да ја задржи топката и смири играта кога е потребно, да ги проигрува напаѓачите со „паметни топки“, но и да решава натпревари кога не му оди на тимот.

Проблем се и напаѓачите, кои иако ги има седум на број, освен Роналдо и Нани, другите имаат слаби бројки зад своите имиња кога играат за Португалија. Се очекува Нани да игра повеќе во средниот ред отколку во нападот и повеќе да асистира, отколку да постигнува голови.

Доколку Германија биде доминантна како што најавува, тогаш се очекува главната борба за второто место во групата „Б“ да се води меѓу Португалија и Холандија, и тоа во меѓусебната пресметка на 17 јуни во последниот натпревар од оваа група.

Но, тука не можеме целосно да ја отпишеме ниту Данска, која заврши пред Португалија во квалификациите токму за ова ЕУРО 2012. За да ја илустрира тежината на групата „Б“, Роналдо го изјави следново: „Се наоѓаме во група со три поранешни европски шампиони и тоа нас не прави аутсајдери, а во фудбалот често пати е посакувана таа улога. Ако успееме да ги изненадиме и да се пласираме во четвртфиналето тогаш можеме да одиме и до самиот крај“.

Коефициент за титула: 17.

ФИФА ранг-листа: 5. 

Извор: vest.mk

СЕ ЗА EURO 2012 - ПОЛСКА И УКРАИНА

До почетокот на Европското првенство во фудбал 2012 во Полска и Украина ви ги претставуваме градовите - домаќини и репрезентациите - учеснички.

Репрезентации
ХОЛАНДИЈА
ДАНСКА
ГЕРМАНИЈА
ПОРТУГАЛИЈА

Градови - домаќини
ХАРКОВ, УКРАИНА
ПОЗНАЊ, ПОЛСКА
Л'ВОВ, УКРАИНА

Извор: Вест