Познањ ќе биде домаќин на Групата Ц, односно на репрезентациите на
Хрватска и Италија кога ќе ги играат нивните натпревари против Шпанија,
односно Ирска.

Град: Познањ.
Држава: Полска.
Провинција: Великополска.
Жители: 557.000.
Стадион: „Мунисипал“, капацитет 40.000 седишта.

Градот Познањ е основан на островот Тумски помеѓу реките Варта и
Кубина. Подоцна со зголемување на популацијата започнала и миграцијата
на копното покрај Варта, каде што во 1225 година бил преместен и
центарот на градот.
Познањ бил првиот полски главен град се до 1039 година кога
престолнината била преместена во Краков. Во Познањ, Полјаците првпат
започнале да го примаат христијанството како религија и заради тоа таму
се наоѓа најстарата катедрала во државата. Под пруско-германска власт
бил од 1793 год. до 1919 год. Оттогаш со „Версајскиот договор“ повторно
се враќа под Полска управа.

Денес Познањ е најразвиениот трговски центар во Западна Полска и еден
од најразвиените градови во државата. Доколку отидете во Познањ ви
препорачуваме да го посетите островот Тумски, каде што се формирал
градот. Постојани жители на остовот се само свештениците и калуѓерите,
кои служат во неколкуте катедрали на островот. Таму се наоѓа и првата
полска катедрала Св. Петар и Павле.
Треба да се посети и „Стари Ринек“ , еден од најубавите средновековни
плоштади во цела Европа кој е перфектно конзервиран и реконструиран
после бомбардирањата од Втората светска војна. Таму се наоѓа Градската
хала, најубавата ренесансна градба северно од Алпите. На овој плоштад
може да посетите и дел од многубројните цркви и палати. Во Познањ треба
да се посети и улицата „Шродка“, на која можете да видите десетици
работилници за стари рачни занаети и кафеани во традиционален стил.

Познањ беше избран да биде еден од градовите домаќини на ЕУРО 2012 и
за таа цел беше комплетно реконструиран стадионот „Мунисипал“.
Капацитетот од 45.000 седишта беше намален на 40.000. Стадионот е
изграден во 1980 год. Со реконструкцијата се започна во 2003 година и
повторно беше отворен во 2010 година. На овој стадион ќе бидат одиграни
три натпревари во групата „Ц“.
Фан зоната има капацитет од 30.000 посетители и ќе биде сместена на
плоштадот „Волношчи“ (слобода) во близина на автобуската и железничката
станица во градот. Во деновите кога има натпревари ќе работи од 12:00 до
01:00 часот по полноќ - локално време, а во другите денови од 16:00 до
00:00 часот. На џиновски екран од 120 м2 ќе бидат пренесувани сите
натпревари, вкупно 31. Фан зоната ќе понуди и концерти, забави со
ди-џеи, терени за мал фудбал, игри за тестирање на индивидуалните
фудбалски вештини и многу штандови со храна и пијалоци. Влезот ќе биде
слободен.

За да пристигнете во Познањ можете да ги искористите добрите врски со
воз или автобус од цела Западна и Средна Европа. Исто така можете да
пристигнете и преку аеродромот „Лавица“, кој е на 7 км од градот.
Мотото на овој град за ЕУРО 2012 гласи: „ Познањ - Источна енергија, западен стил“.
No comments:
Post a Comment