Украинскиот град Харков ќе биде домаќин на групата Б, односно
„групата на смртта“ каде се наоѓаат Холандија, Германија, Португалија и
Данска.

Град: Харков.
Држава: Украина.
Провинција: Харковска област.
Жители: 1.461.000.
Стадион: ФК Металист, капацитет 35.000 седишта.
Харков е вториот град по големина во Украина, основан 1654 година од
страна на козачкиот одред по команда на Иван Каркаш. На само 60 км од
руската граница Харков е под силно руско влијание и во 1917 година таму
бил прогласен СССР и била формирана советската влада. Се до 1934 година
Харков бил главен град на советска Украина, а потоа седиштето било
преселено во Киев.
Денес Харков е главен административен центар на Провинцијата
Харковска област. Градот е најголемиот научно-истражувачки центар во
Украина со 60 институти и 13 универзитети. Тој е еден од најголемите
индустриски центри со акцент на машинската индустрија.

Во Харков се наоѓа и плоштадот „Слобода“ кој е деветти најголем
плоштад во светот. Покрај плоштадот во Харков на странците им се
препорачува да се посетат и паркот на детската железница, првиот
советски облакодер „Дерзпром“, кој извесно време бил највисока зграда во
Европа. Во Харков треба да се посетат и паркот „Шевченко“ во кој има
грандиозни статуи на Ленин и поетот Тарас Шевченко. Во лето овој парк се
претвора во клуб на отворено, катедралата Блаховисченски и Ринок -
голем пазар, каде што може да купите бројни сувенири, но и разни
предмети остаток од советската ера.

Харков беше избран да биде еден од градовите домаќини на ЕУРО 2012 и
за таа цел беше комплетно реконструиран стадионот „Металист“.
Капацитетот од 42.000 седишта беше намлен на 35.000 седишта. За негова
реконструкција беа потрошени околу 60 милиони евра и беше ре-отворен во
2009 година. На овој стадион ќе бидат одиграни три натпревари во
групната фаза, сите три на холандската репрезентација.

Фан зоната ќе има капацитет од 50.000 посетители и ќе биде сместена
на плоштадот „Слобода“ во самиот центар на градот. Во деновите кога има
натпревари ќе работи од 12:00 до 01:00 часот по полноќ - локално време, а
во другите денови од 16:00 до 00:00 часот. На три џиновски екрани ќе
бидат пренесувани сите натпревари, вкупно 31. Фан зоната ќе понуди и
концерти, забави со ди-џеи, терени за мал фудбал и многу штандови со
храна и пијалоци. Влезот ќе биде слободен.
За да пристигнете во Харков најдобро е да се користи воз или авион преку аеродромот „Основа“, кој е на 8 км од градот.
No comments:
Post a Comment