Saturday, April 21, 2012

За латинскиот јазик

Во најстаро време под латински јазик се подразбирал говорот на градот Рим и на неговото најблиско соседство. Името ЛАТИНСКИ го добил според италското племе Latini (Латини) што живеело во областа Latium (Латиум, Латиј), во која се наоѓал градот Рим.
Латинскиот јазик му припаѓа на индоевропското семејство на јазици, во кое спаѓаат и староиндискиот, грчиот, старословенскиот, германските јазици и др. Сродноста меѓу овие јазици се гледа кај зборовите што ги означуваат членовите на семејството, каков што е, на пример, зборот што означува „мајка“:



староиндиски matar
грчки μητηρ (се чита: метер)
старословенски мати
германски Mutter
латински mater



Денес, иако ниеден народ не зборува на латински јазик, тој се користи во научната терминологија. Сепак, на латински се зборува во Ватикан. Од латинско потекло се и многу меѓународни зборови. На пр. денешниот збор компјутер е добиен од двата латински збора com (што значи со) и puto (што значи мисли), што во буквален превод би значело „сомислител“.


Зборовите од латинско потекло во македонскиот јазик се нарекуваат латинизми. Такви се на пр., традиција = „предание“, опција = „можност“, оптимално = „најдобро“, солуција = „решение, излез“, резолуција = „заедничко решение“, еволуција = „постапен развој“, прогрес = „напредок“, транзиција = „преминување“.