Wednesday, July 25, 2012

Игрите во Атланта во приватна режија

ЛОИ во Атланта 1996 година беа први Игри организирани без удел од државата и затоа беа крајно искомерцијализирани и чинеа повеќе од 1,8 милијарда долари.


Игрите почнаа со емотивниот настап на спортската легенда Мохамед Али, кој боледува од Паркинсоновата болест. Тој го запали олимпискиот оган, по што претставата продолжи во „карневалска атмосфера“ и траеше речиси четири часа. Црна дамка на Игрите беше експлозијата на бомба на 27 јули во Олимпискиот парк, при што две лица загинаа, а над 110 беа повредени. Комерцијалните спонзори, меѓу нив и компанијата „Кока-кола“ чие седиште е во Атланта, во Игрите инвестираа повеќе од 300 милиони долари.

Подготовките за Игрите траеја повеќе од шест години и пред и за време на ЛОИ во оптек беа над 5 милијарди долари. Над два милиони луѓе ја посетија Атланта, а над 3,5 милијарди луѓе во светот на ТВ-екраните ги проследија настаните.


На атлетските натпревари Французинката Мари-Жозе Перек победи во трките на 200 и на 400 метри. Таа е најуспешната француска атлетичарка на сите времиња и е единствената што победила на 400 метри на две ЛОИ. Американецот Мајкл Џонсон е првиот атлетичар во олимписката историја што победил на 200 и на 400 метри.


Турчинот Наим Сулејманоглу е првиот кревач на товар во историјата на ЛОИ што трипати во низа освоил златен медал.


„Кога тој јаде во ресторан никој не му наплаќа сметка, доколку ја пречекори дозволената брзина при возењето автомобил никој не го казнува, полицајците само му посакуваат пријатен пат“, вака еден турски новинар опиша колку е славен и почитуван Сулејманоглу во Турција.


Карл Луис го освои деветтиот златен медал во атлетика, четвртиот по ред на ЛОИ во скок во далечина. На пливачките натпревари доминираше Ирката Мишел Смит, која освои три златни и еден бронзен медал. Но имаше сомневања дека таа користи недозволени супстанции, иако не беше позитивна на антидопионг-тестовите. На ЛОИ во Атланта што се одржаа од 19 јули до 4 август настапија 10.318 спортисти (3.512 жени) од 197 земји во 271 спортска дисциплина.                                         

(продолжува)

Friday, July 20, 2012

Карл Луис го повтори успехот на Џеси Овенс

Финансиските проблеми со кои се соочуваа многу земји во светот во 70-тите години од минатиот век беа причината Лос Анџелес да биде единствениот кандидат за домаќин на ЛОИ во 1984 година.

Карл Луис

Забелешките на критичарите беа дека кандидатурата е базирана врз постојните објекти и врз корпоративните спонзори, но факт е дека Игрите во Лос Анџелес беа први што беа организирани без државна поддршка. Дури 43 компании имаа право да продаваат официјални олимписки предмети. Успехот беше уште поголем бидејќи организаторите заработија 225 милиони долари. Олимписка маскота беше „Сем - олимпискиот орел“.

Иако се очекуваше реванш од СССР за американскиот бојкот на ЛОИ во Москва 1980 година, само 14 земји од Источниот блок (меѓу нив Источна Германија и Куба, но не и Романија) се одзваа на повикот на Советите. Во ЛА таа година имаше рекордни 140 земји со свои спортисти, а првпат по Хелсинки 1952 имаше спортисти и од Кина.


Спортистите од Македонија што настапуваа под знамето на тогашна СФР Југославија, во Лос Анџелес освоија дури пет медали - злато Шабан Трстена (борење), сребро Реџеп Реџеповски (бокс), а со бронзени медали се закитија Милко Ѓуровски (фудбал), Шабан Сејдиу (борење) и Азис Салиху (бокс).


Американецот Карл Луис, на својот прв од четирите настапи на ЛОИ, го повтори успехот на својот сонародник Џеси Овенс од Берлин 1936 со освојувањето четири златни медали во атлетските дисциплини на 100 и 200 метри, во штафетата 4х100 метри и во скок во далечина. Американецот Едвин Мозес, пак, го повтори успехот од ЛОИ во Монтреал 1976 година со освојувањето златен медал на 400 метри со пречки. Сличен успех имаа и Британците Себастијан Коу и Дејли Томпсон што ги одбранија златните медали освоени во Москва 1980 во дисциплините 1.500 метри и во десетобој.


Американката Мери Лу Ретон стана првата гимнастичарка надвор од Источна Европа освојувачка на златен медал во повеќебој. Мајкл Џордан, Патрик Јуинг и Крис Малин, подоцнежните НБА-ѕвезди, беа дел од кошаркарскиот тим на САД што освои златен медал.


Во Лос Анџелес се истрча првата маратонска трка во женска конкуренција, 56 години откако лекарите тврдеа дека жените што трчаат на 800 метри „предвреме остаруваат“. Прва победничка во маратонот беше Американката Џоан Беноа. Во машка конкуренција во маратонот победи Португалецот Карлос Лопес со време од 2.09,21 часа, кое како олимписки рекорд опстојуваше 24 години. Кинезот Ли Нинг (денес позната спортската опрема под тоа име) во гимнастичките натпревари освои шест медали (три златни, два сребрени и еден бронзен) и подоцна во Кина го доби прекарот Принц на гимнастиката.


На ЛОИ 1984 што се одржаа од 28 јули до 12 август настапија 6.829 спортисти (1.566 жени), од 140 земји што се натпреваруваа во 21 спорт и во 221 дисциплина.                                                          

(продолжува)

Thursday, July 19, 2012

Американски бојкот на Москва

Американскиот бојкот на ЛОИ во Москва 1980, поради советската инвазија на Авганистан во декември 1979 година, ја сведе бројката на земји-учеснички на 80, најмала од ЛОИ во Мелбурн 1956 година.


Американците притискаа врз поголемите земји - Велика Британија, Австралија, Франција, Италија и Шведска да не испратат спортисти во Москва, но тие, и покрај декларативната поддршка на САД, решија да им остават на спортистите сами да решат дали ќе се натпреваруваат или не. Првите Игри што се одржаа во една социјалистичка земја ќе се паметат по најголемиот бојкот во историјата на ЛОИ, на кој, покрај САД, се приклучија уште шеесетина земји.

Рускиот гимнастичар Александар Дитјатин освои медали во сите осум дисциплини на кои настапи (три златни, пет сребрени и еден бронзен) со неколку максимални оценки 10, со што стана првиот спортист што на едни Игри освоил осум медали. Кубанскиот боксер Теофило Стивенсон третпат по ред се закити со златен медал во супертешка категорија и го повтори успехот на Унгарецот Ласло Пап (и тој освои три злата, на ЛОИ во Лондон 1948, во Хелсинки 1952 и во Мелбурн 1956, но во различни категории).


Од атлетиката во Москва ќе се паметат дуелите меѓу Британците Стив Овет и Себастијан Коу. Во трката на 800 метри победи Овет, но шест дена подоцна Коу му се реваншира и го освои златниот медал на 1.500 метри, додека Овет, кому специјалност му беше токму трката на 1.500 метри, мораше да се задоволи со бронза. На 5 и на 10 километри победи Мируц Ифтер од Етиопија и го повтори постигнувањето на Финецот Ласе Вирен од ЛОИ во Минхен 1972 и од Монтреал 1976 година. Во десетобој победи Британецот Дејли Томпсон, а тоа ќе го повтори четири години подоцна на ЛОИ во Лос Анџелес.


Источногерманецот Герд Весиг стана првиот атлетичар што на олимписки игри поставил нов светски рекорд во дисциплината скок во височина со прескокнати 2,36 метри. Во скок во далечина првпат на ЛОИ сите осум финалисти ќе прескокнат над осум метри. Победи Луц Домбровски од Источна Германија, кој скокна 8,54 метри, најдолг скок по оној на Боб Бимон во Мексико (8,90), но тој беше постигнат на 2.300 метри надморска височина и на разреден воздух.


Во женското пливање продолжи доминацијата на Источна Германија, која освои 11 од вкупно 13-те златни медали. Русинот Владимир Саљников освои три златни медали и стана првиот пливач што 1.500 метри испливал под 15 минути (14.58,27). Поради советскиот бојкот на ЛОИ во Лос Анџелес 1984 Саљников не настапи, но на Игрите во Сеул 1988 освои уште еден златен медал на 1.500 метри.

На ЛОИ во Москва што се одржаа од 19 јули до 3 август настапија 5.179 спортисти (1.115 жени) од 80 земји што се натпреваруваа во 21 спорт и во 203 дисциплини.                                                 
(продолжува)

Wednesday, July 18, 2012

Команечи блескаше во Монтреал

Летните олимписки игри во Монтреал, Канада, во 1976 година ги наруши бојкотот на 26 африкански земји.

Надја Команечи

Иницијатор беше Танзанија во знак на протест поради турнејата на рагби-тимот на Нов Зеланд во Јужна Африка и на фактот дека на Јужна Африка ѝ беше дозволено да настапи на Игрите и покрај тоа што во оваа земја сѐ уште владееше апартхејдот.

Романската гимнастичарка Надја Команечи со неполни 15 години беше ѕвездата во Монтреал. Таа освои три златни медали (повеќебој, двовисински разбој и на греда), а за својот настап на двовисинскиот разбој доби максимална оценка - 10, нешто што дотогаш не ѝ успеало на ниедна гимнастичарка. Тоа го збуни и компјутерот што не можеше да го испише бројот 10, па на него се појави само бројката 1,00. Три златни медали освои и советската гимнастичарка Нели Ким (повеќебој екипно, прескок и партер), а кај мажите Николај Андријанов од СССР се закити со четири златни медали (повеќебој, прескок, партер и кругови).


Боксерот Кларенс Хил ѝ ја даде привилегијата на Бермуда, која има само 53.500 жители, да стане најмалобројната земја-освојувач на медал (бронзен) од ЛОИ. Кубанецот Алберто Хуанторена беше првиот атлетичар што освоил два златни медала на 400 и на 800 метри. Финецот Ласе Вирен го повтори успехот од ЛОИ во Минхен 1972, кога освои два златни медала на 5 и на 10 километри, а беше и петти во маратонот и за малку не го повтори успехот на Чехот Емил Затопек од ЛОИ во Хелсинки 1952 година со три злата. Унгарецот Миклош Немет стана олимписки шампион во дисциплината фрлање копје и го повтори успехот на татка си Имре Немет, кој на ЛОИ во Лондон 1948 година победи во дисциплината фрлање ѓуле!


На Игрите во Канада многу се дискутираше за користењето недозволени средства, иако немаше никакви докази за тоа. На тапет беа пливачките од Источна Германија, кои беа обвинувани за користење анаболици. Кога во една пригода американската пливачка Ширли Бабашоф ги обвини ривалките за користење анаболички стероиди, а како доказ ги посочи нивните изразени мускули и длабок глас, одговорот од германска страна беше: „Тие дојдоа тука да пливаат, не да пеат“. Германките ги освоија сите златни медали (освен два - на 200 метри градно и во штафетата 4х100 метри слободно), а Американците беа уште подобри, не освоија само еден златен медал (на 200 метри грбно)!


ЛОИ беа финансиска катастрофа за државата Квебек, која за изградбата на објектите потроши околу две милијарди долари, долг што многу години потоа ги мачеше и нив и цела Канада.


Во Монтреал двајца македонски спортисти, Благоја Георгиевски (кошарка) и Аце Русевски (бокс) освоија сребрен, односно бронзен олимписки медал.


На Игрите во Монтреал што се одржаа од 17 јули до 1 август настапија 6.084 спортисти (1.260 жени) од 92 земји, кои се натпреваруваа 21 спорт и во 198 дисциплини. Канада стана првата земја-домаќин што не освои златен медал на Игрите и мораше да се задоволи само со 5 сребрени и со 6 бронзени медали.     

(продолжува) 

Tuesday, July 17, 2012

Палестинските терористи го засенија Шпиц

На ЛОИ во Минхен во 1972 година, утрото на 5 септември, осум палестински терористи од милитантната група „Црн септември“ упаднаа во олимпиското село, убија двајца израелски спортисти, а деветмина држеа како заложници.


Во огнената пресметка што следуваше потоа сите израелски заложници беа убиени, а загинаа пет терористи и еден германски полицаец. Терористите бараа ослободување на 234 Палестинци затворени во Израел. За инает на терористите, ИОК по 34-часовната суспензија реши сепак Игрите да продолжат.
Германците, кои првпат по Берлин 1936 година беа домаќини на ЛОИ, сакаа на светот да му претстават една нова демократска, оптимистичка земја, па затоа мотото на ЛОИ беше „Среќни Игри“. Маскотата „Валди“ беше првата официјална олимписка маскота. Олимпискиот парк, во кој беа сместени стадионот, покриениот базен, мултифункционалната спортска сала и олимпиското село, по Игрите стана препознатлив белег на градот Минхен. Особено атрактивен беше стадионот со револуционерниот покрив од проѕирно акрилно стакло.

Американскиот пливач Марк Шпиц освои неверојатни седум златни медали со исто толку нови светски рекорди. Во женска конкуренција блескаше 15-годишната Австралијка Шејн Голд, која освои три златни медали, плус еден сребрен и еден бронзен.


Кошаркарското финале САД - СССР долго ќе се памети и зад него останаа многу контроверзии. На една секунда до крајот САД поведоа со 50-49 и селекторот на Советите, Владимир Кондрашин, тогаш побара тајмаут. Никој со сигурност не може да потврди зошто, но часовникот беше ресетиран и покажуваше дека треба да се доиграат не една, туку три секунди. И тогаш се случи чудо. Советите успеаја преку Александар Белов да постигнат кош и да победат со 51-50. Официјалниот мерач на времето и судиите тврдеа дека дополнителните три секунди биле непотребно досудени, но Советите сепак се закитија со златните медали. Лутите Американци, кои првпат на ЛОИ не освоија златен медал, испратија официјална жалба, но таа им беше одбиена, па во знак на револт не се појавија на церемонијата за да ги примат сребрените медали.


Рускиот спринтер Валериј Борзов победи во трките на 100 и 200 метри, а Финецот Ласе Вирен триумфира на 5 и на 10 километри. Кубанскиот боксер Теофило Стивенсон го освои првиот од трите златни олимписки медали во тешка категорија, а на ЛОИ дебитира и советската гимнастичарка Олга Корбут.


На ЛОИ во Минхен што се одржаа од 26 август до 11 септември настапија 7.134 спортисти (1.059 жени) од 122 земји во 195 спортски дисциплини. Првпат на ЛОИ спортистите положија свечена заклетва.                   

(продолжува)

Monday, July 16, 2012

Боб Бимон и Дик Фозбери го прескокнаа Мексико

Изборот Мексико Сити да биде домаќин на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1968 година предизвика многубројни негативни реакции, пред сѐ, поради надморската височина од 2.240 метри, на која се наоѓа градот.


Таквата височина беше погодна за натпреварувањата во кои е битна експлозивноста - во кратките спринтерски натпревари, како и во скокачките дисциплини. Но разредениот воздух претставуваше пречка за учесниците во спортовите во кои беше потребна издржливост.

Светски рекорди беа постигнувани во спринтерските дисциплини под 400 метри, во скок во далечина и во скок во височина. На атлетските боралишта првпат беше поставен тартан, а резултатите беа мерени електронски.


Највпечатлив момент од ЛОИ во Мексико секако е спектакуларниот скок во далечина од 8,90 метри на Американецот Боб Бимон, светски рекорд што нема да биде надминат долги 22 години. Во скок во височина Американецот Дик Фозбери триумфира со нов стил, со грбот свртен кон летвичката, што подоцна ќе биде наречен „Фозбери-скок“ и до ден-денес ќе опстојува. Тој ќе биде првиот олимписки шампион што бил на антидопинг-тест, што првпат беше применет на ЛОИ.


Мексиканката Енрикета Базилио стана првата жена што го запалила олимпискиот пламен на свеченото отворање. Американката Вајомина Тајс беше првата атлетичарка што победила на ЛОИ на 100 метри двапати по ред, а Ал Ертер, фрлачот на диск, го освои четвртиот златен олимписки медал во низа.

Гимнастичарката Вера Чаславска од Чехословачка блескаше во Мексико освојувајќи четири златни и два сребрени медала, вкупно 11 во кариерата (седум златни и четири сребрени). Нејзините победи во дуелите против советските гимнастичарки, покрај спортска, имаа и политичка димензија, бидејќи се случија само два месеца по инвазијата на Советскиот Сојуз над нејзината земја.

Кога сме кај спортот и политиката, треба да се споменат и двајцата американски спринтери, Томи Смит и Џон Карлос, освојувачите на златен и на бронзен медал на 200 метри. На победничкиот трон при свирењето на химната тие високо ги кренаа тупаниците на кои беа навлечени кожени црни ракавици, поздравот на организацијата „Црни пантери“ во знак на протест поради расната сегрегација во САД, по што веднаш беа вратени дома, а ИОК доживотно ги суспендира.


Германските спортисти првпат се појавија во два различни тима, откако на претходните три ЛОИ (1956, 1960 и 1964 година) настапуваа заеднички. На свеченото дефиле спортистите од Западна и од Источна Германија ги следеа звуците од Бетовеновата „Ода на радоста“.                                

(продолжува)

Sunday, July 15, 2012

Токио - прв азиски град-домаќин

Во Токио 1964 година се одржаа првите Летни олимписки игри на азискиот континент. Токио, кој требаше да биде домаќин на Игрите во 1940 година, ја доби организацијата во конкуренција на Детроит, Брисел и Виена.
 Јошинори Сакаи го носеше олимпискиот факел бидејќи беше роден на 6 август 1945 година, на денот кога атомската бомба ја разори Хирошима, во чест на многубројните жртви, но и како повик за мир во светот.


Во Токио атлетичарите последен пат трчаа на земјена подлога и последен пат рачно се мереше времето, а премиерно стапот за скок во височина беше направен од фиберглас.

Етиопјанецот Абебе Бикила стана првиот атлетичар што победил двапати на маратонот. Советската гимнастичарка Лариса Латинина ја заокружи својата колекција олимписки медали на 18 со победите на партер и во екипна конкуренција. Имре Пољак, унгарскиот борач во грчко-римски стил, конечно освои златен медал откако на претходните три ЛОИ беше втор! На ЛОИ во Токио првпат беше установен Трофејот за ферплеј што го добија едриличарите, Швеѓаните Ларс Гунар Кал и Стиг Ленарт Кал, кои ја прекинаа трката за да им помогнат на двајца други едриличари чиј чамец се превртел и почнал да тоне.

На овие игри беа застапени два нови спорта - џудо и одбојка, а првпат беа користени компјутерите за бележење на резултатите.

Нови светски рекорди беа поставени во 27 од 36 атлетски дисциплини. Новозеланѓанецот Петер Снел освои два златни медала, на 800 и на 1.500 метри. Американскиот спринтер Боб Хејс победи во трката на 100 метри, со резултат од 10 секунди, со што го израмни светскиот рекорд. Во полуфиналето Хејс забележа време од 9,9 секунди, но поради недозволена брзина на ветрот во грб резултатот не беше признаен.    


На пливачките натпревари беа поставувани нови олимписки рекорди во секоја дисциплина, а беа соборени и неколку светски рекорди. Повторно доминираа Американците и Австралијците, кои победија во сите дисциплини, освен во една - на 200 метри градно, во која триумфира Галина Прозуменчикова од Советскиот сојуз. Американецот Дон Шоландер освои четири златни медали (на 100 и 400 метри слободно и во штафетите 4х100 и 4х200 метри слободно). Вера Чаславска од Чехословачка го освои првиот од двата златни олимписки медала во гимнастика во повеќебој.


На ЛОИ во Токио, кои се одржаа од 10 до 24 октомври 1964 година, настапија 5.151 спортист (678 жени) од 93 земји, кои се натпреваруваа во 163 спортски дисциплини. Јапонците се покажаа како одлични организатори, за што добија признанија од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Натпреварите директно се пренесуваа преку телевизијата речиси во целиот свет.                     

(продолжува)

Saturday, July 14, 2012

Абебе Бикила босоног победи во маратонот

Вечниот град Рим по 52 години од првичната желба на Пјер де Кубертен тој да биде домаќин, конечно, дочека да биде организатор на Летните олимписки игри и така на целиот свет да му ги приближи својата античка култура и убавина комбинирани со модерното време.


Рим требаше да биде домаќин на ЛОИ во 1908 година, но поради ерупцијата на вулканот Везув во 1906 и разурнувањето што го претрпе градот Неапол државните пари, наместо за Игрите, беа пренасочени за обновата на Неапол и организацијата на ЛОИ во 1908 година ја доби Лондон.

Етиопјанецот Абебе Бикила и Афроамериканецот Касиус Клеј, подоцна познат и под името Мохамед Али, ги обележаа Игрите во Рим. Бикила триумфира во маратонот трчајќи бос и стана првиот црн Африканец олимписки шампион. Младиот боксер Клеј, тогаш на 18 години, беше супериорен во полутешка категорија и ги одушеви сите со својата вештина и елеганција во рингот. Кај жените, американската спринтерка Вилма Рудолф се закити со три златни медали - на 100 и 200 метри и во штафетата 4х100 метри.

Интересен е податокот за Рудолф дека таа боледувала од полио и до 11-годишна возраст морала да носи ортопедски чевли. Но решителноста најпрвин ја направила кошаркарска средношколска ѕвезда во Кларксвил, Тенеси, а потоа и најбрза жена на светот, како што ја нарекоа во Рим.

Во пливачките натпревари златните медали (освен еден) меѓу себе ги поделија Американците и Австралијците. Кошаркарите на САД го освоија петтиот златен олимписки медал по ред. Тимот во кој играа идните НБА-ѕвезди Оскар Робертсон, Џери Вест, Џери Лукас и Волт Белами го сметаат за еден од најдобрите во историјата на ЛОИ. Кај жените, советските гимнастичарки беа феноменални - освоија 15 од можните 16 медали.


Во 1958 година ИОК реши да ја адаптира старата химна на Грците, Спирос Самарас (музика) и Костис Паламас (зборови), напишана за првите модерни ЛОИ во Атина 1896, и да ја промовира во официјална олимписка химна во Рим 1960. Игрите во Рим беа последни на кои им беше дозволен настап на спортистите од Јужна Африка поради Апартхејдот - сѐ до Барселона 1992 година.


Првпат натпреварите на едни ЛОИ во живо, преку телевизија, можеа да се проследат во 18 европски земји, а потоа снимките со задоцнување од неколку часа се гледаа во САД, Канада, Мексико и во Јапонија. Американската ТВ-компанија ЦБС за правата да ги емитува натпреварите од Рим во САД плати 394.000 долари.


На ЛОИ во Рим што се одржаа од 25 август до 11 септември настапија 5.338 спортисти (611- жени) од 84 земји, кои се натпреваруваа во 17 спорта и во 150 спортски дисциплини. Најмногу медали, вкупно 103 (43-29-31), освоија спортистите од Советскиот Сојуз. Американците беа втори на листата, со 71 медал (34-21-16), а Италијанците трети со 36 (13-10-13).   

(продолжува)

Thursday, July 12, 2012

ЛОИ 1956 се одржаа на два континента!

Австралиски Мелбурн ја доби организацијата на ЛОИ 1956 година со само еден глас повеќе од аргентинскиот главен град Буенос Аирес. Но поради рестриктивните австралиски закони, кои не дозволуваа влез на коњи од други земји, коњичките натпревари се одржаа на другиот крај од светот, во Стокхолм, во јуни што значи дека ЛОИ првпат во историјата се одржаа во два града (Мелбурн и Стокхолм), во две земји (Австралија и Шведска) и на два континента (Европа и Океанија). 


По традиција, до Игрите во Мелбурн на отворањето и на затворањето спортистите излегуваа на стадионот според азбучен ред. Но во Мелбурн првпат на затворањето сите спортисти беа во заедничка поворка како симбол на глобалното обединување. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) направи позитивен политички потег со тоа што на спортистите од двете Германии (Западна и Источна) им овозможи да се натпреваруваат под едно знаме (црно-црвено-жолто) со олимписките кругови и со „Одата на радоста“, 9-та Бетовенова симфонија како химна.

Поради инвазијата на Советскиот Сојуз над Унгарија, Игрите во знак на протест ги бојкотираа Шпанија, Швајцарија и Холандија и не испратија свои спортисти во Австралија. Египет, Либан и Ирак, пак, не се појавија во Мелбурн поради француско-британската инвазија на Суецкиот Канал и окупацијата на Синајскиот Полуостров од Израел. Кина немаше свои спортисти затоа што во Австралија имаше олимпијци од Тајван.


Американскиот кошаркарски тим предводен од Бил Расел, легендарниот центар на Бостон селтикс, беше доминантен во секој поглед, што најдобро се гледа од тоа што сите противници ги победуваше со над 30 коша разлика. Американците доминираа и на атлетските натпревари освојувајќи 15 златни медали во 24 дисциплини. Боби Џо Мороу освои три златни медали во спринт (на 100 и 200 метри и во штафетата 4х100 метри), а Ал Ертер го освои првиот од вкупно четирите златни медали во дисциплината фрлање диск.


Во пливањето доминираа австралиските пливач(к)и, кои победија во сите дисциплини слободен стил и освоија осум златни медали. Мареј Роуз освои три златни медали (на 400 и 1.500 метри и во штафетата 4х200 метри). Во маратонот триумфира Французинот Ален Мимун, кој на претходните две ЛОИ беше поразуван од Чехот Емил Затопек во трките на 5 и 10 километри и поради тоа го доби прекарот „Сенката на Затопек“. Но во Мелбурн Мимун прв ја мина целта и на тој начин му се реваншира на својот голем пријател и ривал, кој беше шести!


На ЛОИ во Мелбурн што се одржаа од 22 ноември до 8 декември настапија 3.314 спортисти (376 жени) од 67 земји во 17 спорта и 145 спортски дисциплини.                                                              

(продолжува)

Wednesday, July 11, 2012

Дуелот Запад - Исток ги обележа Игрите во Хелсинки 1952

Спортистите од Советскиот Сојуз и од Израел првпат настапија на ЛОИ, со што стравот дека Студената војна ќе доведе до нов голем судир се покажа како неоснован.

Емил Затопек

Советите под влијание на настаните од неодамна завршената Втора светска војна и блоковската поделеност, наместо во Олимпиското село, своите спортисти, заедно со тие од Источниот блок, ги сместија во свое „олимписко село“ во Отаниеми, во близината на поморската база во Поркала. Првично Советите планираа спортистите да бидат стационирани во Ленинград (денешен Санкт Петербург) и оттаму секој ден со авион да летаат за Хелсинки, но идејата подоцна беше отфрлена. Спортистите од СССР беа под постојан надзор на нивните безбедносни служби за да се спречи каков било контакт со колегите од западните земји. На крајот сепак попуштија и ги отворија вратите на своето „село“ за другите спортисти.

Двобојот Запад - Исток се чувствуваше насекаде. Американецот Боб Матијас, кој повторно триумфира во десетобој и стана првиот олимпиец што го одбранил златото во оваа дисциплина, подоцна вака ја опиша атмосферата на Игрите во Хелсинки: „Постоеше голем притисок врз Американците поради Русите. На некој начин тие ни беа вистински непријатели. Сите едноставно сакавме да ги победиме и тоа чувство доминираше во целиот тим“.

Чешкиот атлетичар Емил Затопек, или Чешката локомотива, како што го нарекуваа, освои три златни медали - на 5 и 10 километри и во маратонската трка, која првпат ја трчаше во кариерата, подвиг што до денес не е повторен. На Игрите во Хелсинки особено беа импресивни гимнастичарките од Советскиот Сојуз, кои доминираа во екипна конкуренција, со што ја отворија серијата од осум златни медали во низа. Прва освојувачка на златен олимписки медал за СССР стана Нина Ромашкова во фрлање диск.


Во 1924 година Бил Хевнс беше избран да ги претставува САД во веслање, во осмерец на ЛОИ во Париз. Но тој решил да остане дома покрај сопругата, која била пред раѓање на нивното прво дете. Дваесет и осум години подоцна тоа дете, Франк Хевнс, освои златен олимписки медал за Канада во кану-трката на 10 километри.


Унгарија, земја со околу девет милиони жители, беше трета по бројот на освоени медали - 42 (16 златни, 10 сребрени, 16 бронзени). Спортистите од САД освоија 76 медали (40, 19, 17), а од СССР 71 (22, 30, 19). Унгарците го освоија златниот медал во фудбал, со селекцијата предводена од феноменалниот Ференц Пушкаш, еден од најдобрите играчи на светот на сите времиња. Во финалето „унгарската лесна коњица“ ја совлада СФР Југославија со 2-0.


На Игрите во Хелсинки, кои траеја од 19 јули до 3 август, настапија 4.955 спортисти (519 жени) од 69 земји во 149 спортски дисциплини. 

(продолжува)

Tuesday, July 10, 2012

Во Лондон 1948-та спортистите со храна од дома!

Летните олимписки игри не се одржаа во 1940 и 1944 година поради Втората светска војна, а постоеја поделени мислења дали треба да се одржат игри во периодот веднаш по војната, кога Европа сѐ уште беше разорена и кога во некои земји недостигаа најосновните работи за живот.


На крајот се дојде до решение Велика Британија и Лондон, кој требаше да биде домаќин во 1944 година, да ги организираат овие игри, со тоа што сите земји-учеснички мораа сами да си обезбедат храна за своите спортисти. Економската клима и поствоеното штедење направија овој настан уште да е познат и како „Штедливите игри“. Лондон, кој беше домаќин на ЛОИ и во 1908 година, одговори на предизвикот и беше успешен организатор, што беше голем подвиг во тие мрачни и скудни времиња. Малку недостигаше Британците да им ја препуштат организацијата на игрите на Американците, но во последен момент кралот Џорџ Шести одлучи Лондон сепак да биде домаќин, велејќи дека на тој начин целата нација побрзо ќе тргне напред во обнова на земјата. Со тоа Лондон стана вториот град што двапати бил домаќин на ЛОИ (по Париз во 1900 и 1924) и годинава ќе биде единствениот што третпат е домаќин.

Од познати причини не беа градени нови објекти, а среќна околност беше тоа што стадионот „Вембли“ не беше разурнат од нацистичките бомби во војната. Немаше олимписко село, мажите-спортисти беа сместени во војнички камп, а жените во еден женски колеџ во близината на Лондон. Овие игри беа први што можеа да се следат на домашната англиска телевизија, иако малкумина имаа телевизиски апарати во тоа време. На тие ЛОИ беа промовирани стартните блокови за атлетичарите, како и првиот затворен олимписки „Империјал базен“ со капацитет од 8.000 места.


Американецот Боб Матијас со само 17 години победи во десетобојот, по само четири месеци активно занимавање со спорт, и стана најмладиот освојувач на златен медал на ЛОИ. Јунак на игрите беше холандската атлетичарка, 30-годишната Фани Бланкерс-Коен со прекарот Летачката домаќинка, мајка на три деца, која освои четири златни медали во спринтерските дисциплини - на 100 и 200 метри, на 80 метри со пречки и во штафетата 4х100 метри. Финскиот гимнастичар Веико Хутанен освои најмногу медали во Лондон - три златни и по еден сребрен и бронзен.


Првпат на едни ЛОИ настапија спортистите од 14 земји, меѓу нив од Бурма, Цејлон (сегашна Шри Ланка), Либан, Порторико, Сирија, Венецуела, но ги немаше спортистите од земјите-агресори во Втората светска војна - Јапонија и Германија, кои не добија покани, но ги немаше ниту спортистите од Советскиот Сојуз.  На игрите во Лондон што се одржаа од 29 јули до 14 август настапија 4.104 спортисти (390 жени) од 59 земји, кои се натпреваруваа во 19 спорта и 137 спортски дисциплини. 

(продолжува)

Monday, July 9, 2012

Џеси Овенс го засени Хитлер во Берлин

Како контраст на тој пропаднат обид беше херојот на Игрите, Афроамериканецот Џеси Овенс, кој освои четири златни медали во атлетика - во трките на 100 и 200 метри, во штафетата 4х100 метри и во скок во далечина. Спроти Овенс беше Карл Лудвиг Луц Ланг, нацистичката спортска надеж, симболот на ариевците со сината коса, сините очи и светлиот тен, отелотворение на ариевската супериорност, кој, се разбира, требаше да биде пред Овенс во сѐ. Но Овенс беше човекот што покрај четирите златни медали собори и 11 олимписки рекорди во Берлин. Иронијата е дека токму Ланг, кој изгуби од Овенс во скок од далечина, прв искрено му честиташе и се сликаше прегрнат со него. Лутиот Хитлер, пак, предвреме го напушти стадионот не сакајќи да му го врачи златното одличје на Овенс. 

Џеси Овенс


Налетот на нацизмот во Германија отвори и меѓународна дебата дали да се бојкотираат ЛОИ во Берлин или не. Американците беа за бојкот, но во последен момент сепак решија да ја прифатат поканата за настап. Овие игри беа првите што се пренесуваа на телевизија. Во околината на Берлин беа опремени 25 ТВ-соби во кои можеше 70 часа бесплатно да се следат натпреварите. За потребите на Игрите беше изграден и огромниот олимписки стадион со капацитет од 100.000 места. Беа изградени стотина помали објекти, базени, како и олимпиското село за мажите-спортисти. Беа продадени над четири милиони влезници.

Американката Мерџори Гестринг, која на 13-годишна возраст победи во натпреварите во скокови во вода од штица, сѐ уште е најмладата освојувачка на златен медал во историјата на ЛОИ.


На Игрите дебитираа кошарката, кајакот и ракометот на отворено. Берлин го промовираше и олимпискиот факел што беше запален во древна олимпија во Грција и се носеше низ седум земји - Грција, Бугарија, Југославија, Унгарија, Чехословачка, Австрија, до Германија.


На ОИ во Берлин што се одржаа од 1 до 16 август настапија 3.963 спортисти (331 жена) од 49 земји, кои се натпреваруваа во 129 дисциплини. Лени Рајфенштал, миленичката на Хитлер, го сними филмот „Олимпија“, кој е радикално различен од сите филмови на тема спорт. Во него се велича естетиката на спортското тело, кое е снимено од многу различни агли и до денес е репер за слични филмски обиди. Победниците во Берлин, покрај медали, добиваа круна и дабово дрвце во сад.


Единствената област во која нацистите добија позитивни оценки беше употребата на радиото. Повеќе од 20 комбиња со над 300 микрофони им беа ставени на располагање на медиумите од целиот свет. Радиопреноси беа емитувани на 28 различни јазици.

(продолжува)

Saturday, July 7, 2012

Во Лос Анџелес 1932-та олимписко село за мажите

Олимписките игри во Лос Анџелес во 1932 година (десетти по ред) привлекоа најмал број спортисти по Игрите во Сент Луис во 1904 година и речиси за половина помалку од Амстердам 1928-та. Тоа беше, пред сѐ, поради проблемите со оддалеченоста на Калифорнија и скапите патни трошоци, како и поради големата економска депресија во САД.

Шест месеци пред почетокот на Игрите ниедна поканета земја немаше пријавено учеството. Но на крајот квалитетот на спортските достигнувања, кој беше одличен, ги стави во втор план проблемите што немаа врска со спортот. 

Колосеум олимпискиот стадион во Лос Анџелес што беше специјално изграден за Игрите го воодушеви целиот свет со својата величина и со функционалноста. На свеченото отворање беа присутни 100.000 луѓе, а одличната организација ги оквалификува овие игри како први вистински според денешните мерила. Билетите слабо се продаваа, но потоа беа ангажирани тогашните холивудски ѕвезди од калибарот на Чарли Чаплин, Даглас Фербанкс, Марлен Дитрих и Мери Пикфорд, кои одлично ги изрекламираа Игрите, по што продажбата на билетите значително порасна. 

Меѓу 1900 и 1928 година Игрите се одржуваа во период од 79 дена, но во Лос Анџелес траеја само 16 дена, од 30 јули до 14 август. Оттогаш времетраењето е ограничено на 15-18 дена. Првпат мажите-спортисти беа сместени во олимпиското село, кое беше со капацитет од 550 двокреветни соби (плус амбуланта, пошта, библиотека), а жените во луксузниот „Чепмен хотел“. Освојувачите на медали првпат се искачуваа на победничкиот трон, а во заднина се вееше знамето на земјата на победникот.

Олимпискиот дух најдобро може да се илустрира со примерот на британската мечувалка Џуди Гинис, која галантно се откажа од борбата за златен медал против Австралијката Елен Прис, признавајќи им на судиите дека немала два контакта што тие претходно ѝ ги доделиле! 

На Игрите во Лос Анџелес учествуваа 1.332 спортисти (126 жени), кои се натпреваруваа во 37 спорта во 114 дисциплини. Организаторите јавно не ги соопштија парите потрошени за Игрите, но медиумите објавија дека заработувачката изнесувала околу еден милион долари.
Фудбалот беше исфрлен од Игрите, а на Финецот Паво Нурми и на Французинот Жил Ладумеж не им беше дозволено да се натпреваруваат затоа што беа регистрирани како професионалци.

Најуспешни спортисти на Игрите во Лос Анџелес со по три златни медали беа Американката Хелен Медисон во пливање и Италијанецот Ромео Нери во гимнастика. Три медали освои и американската атлетичарка Милдред Бејб Дидриксон - два златни со два светски рекорда - во трката на 80 метри со пречки и во фрлање копје - и сребро во скок во височина. Таа подоцна стана успешна професионална голферка. 
(продолжува)

Friday, July 6, 2012

Во Амстердам првпат запален олимпискиот оган!

Олимпискиот оган првпат беше запален во Амстердам 1928 година (на деветтите Игри по ред), на врвот од кулата на стадионот што го дизајнираше славниот холандски архитект Јан Вилс.


За време на церемонијата на свеченото отворање на Игрите, поворката ја предводеше Грција, а на крајот беа спортистите на земјата-домаќин, тогаш Холандија, протокол што важи и денес.

Бројката на жени-спортисти на Игрите беше двојно зголемена во споредба со Париз 1924-та, и конечно им беше дозволено да се натпреваруваат во гимнастика и во атлетика. Стравот и скепсата на Пјер де Кубертен и на неговите приврзаници беше дека жените што се натпреваруваат во тие спортови ќе станат премногу „мускулести“, здравјето би можело да им биде нарушено, а и дека постоела опасност и да не можат да раѓаат!


Атлетските натпревари се одржуваа на патека од 400 метри, должина што ќе стане стандардна за атлетските патеки во иднина. Халина Конопацка од Полска стана првата жена олимписка победничка во атлетика, во дисциплината фрлање диск, постигнувајќи должина од 39,62 метри.


Идниот Тарзан, американскиот пливач Џони Вајсмилер освои нови два златни медала (на 100 метри слободно и во штафетата 4х200 слободно), а Финецот Паво Нурми триумфира на трката на 10 километри и се закити со деветтиот златен олимписки медал во кариерата. Канаѓанецот Перси Вилијамс, пак, направи големо изненадување со триумфот во двете атлетски спринтерски дисциплини, на 100 и на 200 метри. Во Амстердам првпат во спонзорска улога се појави неизбежната „Кока-кола“ и првпат Игрите беа насловени како Летни олимписки игри.


Репрезентацијата на Индија беше најдобра во хокеј на трева и оттогаш па до 1956 година, шестпати по ред освојуваше златен медал. Уште една златна серија почна таа година и траеше до 1960-та, на Унгарците во дисциплината мечување со сабја.


За тогашниот олимписки дух најдобро сведочи случката на натпреварот во веслање што влезе во легендите. Австралиецот Хенри Пирс на средината од четвртфиналната трка запрел со чамецот за да пропушти јато патки да минат по езерото, но и покрај тоа, на крајот успеал да стигне прв на целта и да се закити со златен медал. Три Еврејки, членки на гимнастичката репрезентација на Холандија, освоија златни медали, но подоцна за време на Втората светска војна беа убиени од нацистите во концлогорот Собибор. По 16-годишна апстиненција, на овие Игри се појавија спортистите од Германија.


Игрите во Амстердам се одржаа во периодот од 17 мај до 12 август и на нив настапија 2.883 спортисти (277 жени) од 46 земји, кои се натпреваруваа во 15 спорта и 109 дисциплини. Единствен противкандидат на Амстердам, градот што не успеа да ја добие организацијата на Игрите во 1920 и 1924 година, му беше американскиот Лос Анџелес, кој ќе биде организатор на ЛОИ во 1932 година.          
                              
(продолжува)

Тарзан го освои Париз!

Во Париз 1924 година, на осмите ЛОИ беше воведена церемонијата на свечено затворање на Игрите во форма каква што ја знаеме и денеска.

Џони Вајсмилер

Во таа пригода се виореа три знамиња - на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), на земјата домаќин и на земјата следен домаќин на Игрите. Исто така беше промовирано и олимпиското мото „Побрзо, повисоко, посилно“ (Citius, Altius, Fortius.).

Париз, кој беше домаќин и во 1900 година, ја доби организацијата на Игрите во битката со Амстердам, Лос Анџелес, Рио де Жанеиро и Рим, благодарение на влијателниот Пјер де Кубертен, за кого ова беа последни ОИ во улогата на претседател на ИОК.


„Летечкиот Финец“ Паво Нурми беше ѕваздата на Игрите. Тој освои пет златни медали (три освои и на минатите ОИ во Антверпен 1920 год.), а најспектакуларен му беше настапот на 10 јули. На тој ден лесно победи во трката на 1.500 метри, а по само 55 минути пауза се врати на патеката и триумфираше и на 5.000 метри.


Американскиот пливач Питер Џон, познат како „Џони“ Вајсмилер, освои три златни медали во Париз (на 100 и на 200 метри слободно и во штафетата 4х200 метри слободно), потоа уште два медала во Амстердам во 1928 година, по што замина за Холивуд и се прослави во улогата на човекот-мајмун, Тарзан, снимајќи 12 филма. Кога сме кај филмовите треба да се спомене и англискиот филм „Огнени кочии“ од 1981 година, добитникот на „оскар“, снимен во чест на британските атлетичари Харолд Абрахамс и Ерик Лидел, кои во Париз победија во трките на 100 и на 400 метри.


Бројката на национални олимписки комитети од 29 порасна на 44, што најдобро говори за подемот на олимпското движење во светот. Во Париз натпреварите ги проследија над 625.000 гледачи, а беа присутни и над 1.000 новинари од целиот свет. Но на финансиски план Игрите беа далеку од позитива, напротив, организаторите кои потрошија 10 милиони франци, пријавија заработка од околу 5 милиони.


На Игрите во Париз, што се одржаа од 4 мај до 27 јули, се натпреваруваа над 3.000 спортисти (135 жени) од 44 земји во 126 дисциплини. За прв пат во историјата на ЛОИ спортистите беа сместени во олимписко село, во дрвени бараки. Овие ЛОИ беа последни за тенисот - сѐ до повторното враќање во Сеул во 1988 година. По многу дебати и преговори, под патронат на ИОК, на почетокот од таа 1924 година, од 25 јануари до 5 февруари, во Шамони, Франција, се одржа „Недела на зимските спортови“ што подоцна беше означено како одржување на првите Зимски олимписки игри.   

(продолжува)


Извор: Нова Македонија 

Wednesday, July 4, 2012

Во Антверпен се завиори олимпиското знаме

Олимписките игри во 1916 година, шести по ред, чиј домаќин требаше да биде Берлин, беа одложени поради Првата светска војна.


Следните, седми Игри во 1920 година му беа доделени на градот Антверпен, во спомен и почит на страдањата на белгискиот народ за време на војната. Во комбинација за град-домаќин беше и Будимпешта, заедно со Амстердам и Лион, но поради тоа што тогашната Австро-Унгарија беше сојузник во војната на Германија, предност доби Антверпен. Забрана за настап на Игрите добија спортистите од Германија, Австрија, Унгарија, Турција и од Бугарија. Овие земји не беа поканети ниту на Игрите во 1924 година. За прв пат на ОИ во Антверпен се појавија спортистите од тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, од Бразил, Аргентина, Финска и од Монако.

На отворањето на Игрите за прв пат се завиори знамето со пет круга како симбол на олимписката универзалност и сплотеноста на сите континенти. За прв пат беше прочитана олимписката заклетва во името на сите спортисти и беа пуштени гулаби како симбол на мирот. Иако се вееше олимпиското знаме, малкумина тоа го видоа. Причината беше цената на влезниците, која за многумина Белгијци во тоа време по војната беше недостижна, па трибините беа полупразни. Организаторите на крајот пријавија рекордна загуба од тогашни 600 милиони франци.


Бидејќи војната штотуку беше завршена, организаторите мака мачеа со набавката на материјали потребни за градба на боралиштата. Кога спортистите пристигнаа во Антверпен, ништо не беше комплетирано, па тие мораа да се снаоѓаат со наоѓањето места за ноќевање, а некои мораа да спијат во тесни, дури и детски кревети.


На спортски план во олимписките анали ќе биде запишано името на Италијанецот Недо Нади, кој освои пет златни медали во мечување. Американската пливачка Етелда Блебтреј се закити три златни медали, а на сите пет трки (две во квалификациите) во кои настапи ги соборуваше светските рекорди. Швеѓанецот Оскар Шван на возраст од 72 години освои сребрен медал во стрелаштво и стана најстариот олимпиец освојувач на медал.


Легендарниот атлетичар, Летачкиот Финец Паво Нурми, тогаш на 23 години, освои два златни медала во трките на 8 и 10 километри крос-кантри, уште еден златен во тимската крос-кантри трка, како и сребрен медал на 3 километри. Нурми настапи и на следните две ЛОИ, во 1924 и во 1928 година, и на крајот во неговите витрини се најдоа вкупно седум златни олимписки медали.


На Игрите во Антверпен што се одржаа од 29 април до 12 септември настапија 2.626 спортисти (65 жени) од 29 земји во 154 дисциплини.              
      
(продолжува)

Извор: Нова Македонија

Tuesday, July 3, 2012

Во Стокхолм 1912-та спортисти од пет континенти

Олимписките игри во Стокхолм 1912 година беа модел за ефикасност и познати се уште и како шведско ремек-дело поради одличната организација. Швеѓаните кои беа единствените кандидати за организација на овие ЛОИ, за првпат воведоа автоматско мерење на времето за атлетските натпревари, фото-финиш и озвучување.


Игрите што се одржаа од 5 мај до 27 јули ќе се паметат по неколку работи. Тогаш беше видена најдолгата и најисцрпувачка трка во историјата на ЛОИ - велосипедската трка долга 320 километри. Полуфиналниот меч во борење грчко/римски стил меѓу Русинот Мартин Клајн и Финецот Алфред Асикаинен, пак, траеше дури 11 часа и 40 минути. Победи Клајн, но поради премореност не можеше да настапи во финалето. Така, златниот медал му припадна на Швеѓанецот Клаес Јохансон, кој претходно во елиминациите двапати беше поразен од Асикаинен.

За првпат на ЛОИ настапија натпреварувачи од сите пет континенти, а за првпат имаше спортисти од Јапонија. Нови спортови беа петобојот, женското пливање и скоковите во вода, но Швеѓаните беа против боксот.


Џим Торп, американскиот Индијанец од Оклахома, беше јунакот на Игрите со победите во петобој и во десетобој. Подоцна, во јануари 1913 година, тој беше дисквалификуван кога беше откриено дека примил мала сума пари за играње бејзбол пред Игрите, со што ги нарушил правилата на аматеризмот. Но во 1982 година ИОК реши да го рехабилитира и одземените медали ги врачи на неговата ќерка. Шведскиот крал Густав Петти го нарече тогаш Торп „најголем спортист на светот“. Во петобојот настапи и Џорџ Патон, подоцна славниот американски генерал во Втората светска војна.


Финецот Ханес Колемаинен, еден од „летечките Финци“, освои три златни медали - на 5.000 (со светски рекорд), на 10.000 метри и во трката на 8.000 метри крос- кантри.


На маратонската трка, како последица на висока температура, почина Португалецот Франциско Лазаро, првиот спортист во историјата на модерните ОИ што умрел за време на натпревар. Јапонецот Канакури Шизо за време на таа маратонска трка, поради жешкото време, ја загубил свеста и се изгубил, но, за среќа, го нашло едно фармерско семејство и го згрижило. На Игрите во Стокхолм настапија 2.407 спортисти (само 48 жени) во 14 спорта со 102 дисциплини.                               

(продолжува)


Извор: Нова Македонија

Monday, July 2, 2012

Кралското семејство ги „додаде“ 195-те метри на маратонот

Овие игри требаше да ги организира Рим, но по ерупцијата на вулканот Етна, кој го разори Неапол во 1906 година, парите од италијанската влада беа пренасочени за обнова на градот.

 
Откако се утврди дека италијанскиот главен град не е подготвен да биде домаќин на ЛОИ, организацијата ја доби Лондон во конкуренција на Берлин и на Милано. Англичаните се покажаа како одлични организатори на Игрите од 27 април до 31 октомври. Првпат за потребите на Игрите беше изграден олимписки стадион со капацитет од 68.000 места, а пливачките натпревари повеќе не се одржуваа на отворено туку во базен.

Првпат беше организирано и свечено отворање, но парадата не мина најдобро поради многуте политички и други разлики меѓу повеќе земји, како што беа недоразбирањата меѓу Ирска и Велика Британија, Финска и Русија итн. Во Лондон првпат јавно беше промовирано олимпиското мото „На ЛОИ најважно е да се учествува, не да се победи“, а креаторот, еден бискуп од Пенсилванија, ја изговори на црковната служба во познатата катедрала „Сент Пол“, на 19 јули.


Организацискиот комитет ја прецизира должината на маратонската патека на 42,195 метри, а последните 195 метри беа додадени за да му се угоди на кралското семејство и спортистите да ја минат целта токму пред кралската ложа. Таа должина (42,195 метри) е официјализирана од Игрите во Париз 1924 година. Италијанецот Дорандо Пјетри во маратонската трка влезе прв на стадионот, но беше толку премален што продолжи да трча во спротивна насока и колабира во близината на целната рамнина. Официјалните лица му помогнаа да стане и да ја мине целта, но подоцна поради тоа тој беше дисквалификуван. Сепак неговата храброст направи името на Пјетри засекогаш да се памети.


Швеѓанецот Оскар Шван, кој го освои златниот медал во стрелаштво, стана најстариот олимписки победник на сите времиња, а тој рекорд го подобри на Игрите во Антверпен 1920 година, кога имаше 72 години и 279 дена. Џон Тејлор, членот на американската атлетска штафета на 4х100 метри, стана првиот Афроамериканец освојувач на златен олимписки медал. На Игрите беа застапени и натпревари од зимските спортови, како што е уметничкото лизгање, кои се одржаа неколку месеци подоцна.

(продолжува) 

Извор: Нова Македонија