Wednesday, June 27, 2012

Серијал учесници на EURO 2012: Грција

Репрезентацијата на Грција на Европското првенство се наоѓа во групата „А“ заедно со селекциите на Полска, Чешка и Русија.
Состав: 

голмани: Халкиас (ПАОК), Сифакис (Арис) и Цорвас (Палермо).

одбрана: Торосидис (Олимпијакос), А. Пападопулос (Олимпијакос), К. Пападопулос (Шалке), Малезас (ПАОК), Холебас (Олимпијакос), Цавелас (Монако) и Папастатопулос (Вердер).

среден ред: Циолис (Монако), Макос (АЕК), Маниатис (Олимпијакос), Кацуранис (Панатинаикос), Карагунис (Панатинаикос), Фотакис (ПАОК), Фортунис (Кајзерслаутерн), Коне (Болоња), Нинис (Панатинаикос) и Фетфацидис (Олимпијакос).

напад: Самарас (Селтик), Салпингидис (ПАОК), Гекас (Самсунспор), Либеропулос (АЕК) и Митроглу (Атромитос). 

Селектор: Фернандо Сантош.


Грција на ЕУРО 2012 се пласираше преку една од полесните групи во квалификациите, победувајќи ја Хрватска во клучниот натпревар, со што го избегна баражот. Многумина се прашуваа како ќе изгледа овој тим по заминувањето на Ото Рехагел, со кого го напарвија најголемото изненадување во историјата со освојувањето на ЕУРО 2004 во Португалија.
Но, со доаѓањето на Португалецот Фернандо Сантош нештата не се сменија премногу. Грција се уште игра дефанзивен и дисциплиниран фудбал, а во меѓувреме, Сантош успеа значително да ја подмлади репрезентацијата.
На ова ЕУРО на Грција не и се даваат големи шанси и важи за аутсајдер во групата „А“. Првата ѕвезда во грчкиот тим е напаѓачот Самарас од Селтик. Клучниот натпревар Грците очекуваат да го играат со домаќинот Полска на самото отворање на ЕУРО 2012 и според нив исходот од тој меч ќе им го одреди патот на ова првенство.
Носители на играта на грчкиот тим, покрај Самарас, треба да бидат капитенот Карагунис, кој веројатно на ова првенство ќе го одигра последниот натпревар за репрезентацијата, понатаму можеби најдобриот грчки играч во моментов Торосидис, за кој е заинтересирана пола Европа и младиот талент Нинис, од кого се очекува да се наметне и да стане главен диригент во средниот ред на репрезентацијата.
За репрезентацијата на Грција ова ќе биде четврто учество на ЕП. Во претходните три тие само еднаш ја поминаа групната фаза и го освоија првенството во Португалија 2004 година.
На ЕУРО 2012 имаат зацртано една цел, да ја поминат групата. 


Селекторот Сантос во својата кариера бил тренер на најдобрите португалски и најдобрите грчки тимови, со кои има освоено десетици трофеи. На позицијата селектор дојде од тимот на ПАОК. Иако на хартија неговата формација е 4-3-3, крилата играат многу повлечено и повеќе наликува на ултрадефанзивната 4-5-1 формација. Грците играат многу дисциплинирано. Најсилно оружје им се прекините и нафрлените топки во шеснаесетникот на противникот. По преземањето на репрезентацијата од Рехагел, Сантос имаше серија од 17 натпревари без пораз.

Коефициент за титула: 81.0

ФИФА ранг-листа: 14.

No comments:

Post a Comment