Friday, July 6, 2012

Во Амстердам првпат запален олимпискиот оган!

Олимпискиот оган првпат беше запален во Амстердам 1928 година (на деветтите Игри по ред), на врвот од кулата на стадионот што го дизајнираше славниот холандски архитект Јан Вилс.


За време на церемонијата на свеченото отворање на Игрите, поворката ја предводеше Грција, а на крајот беа спортистите на земјата-домаќин, тогаш Холандија, протокол што важи и денес.

Бројката на жени-спортисти на Игрите беше двојно зголемена во споредба со Париз 1924-та, и конечно им беше дозволено да се натпреваруваат во гимнастика и во атлетика. Стравот и скепсата на Пјер де Кубертен и на неговите приврзаници беше дека жените што се натпреваруваат во тие спортови ќе станат премногу „мускулести“, здравјето би можело да им биде нарушено, а и дека постоела опасност и да не можат да раѓаат!


Атлетските натпревари се одржуваа на патека од 400 метри, должина што ќе стане стандардна за атлетските патеки во иднина. Халина Конопацка од Полска стана првата жена олимписка победничка во атлетика, во дисциплината фрлање диск, постигнувајќи должина од 39,62 метри.


Идниот Тарзан, американскиот пливач Џони Вајсмилер освои нови два златни медала (на 100 метри слободно и во штафетата 4х200 слободно), а Финецот Паво Нурми триумфира на трката на 10 километри и се закити со деветтиот златен олимписки медал во кариерата. Канаѓанецот Перси Вилијамс, пак, направи големо изненадување со триумфот во двете атлетски спринтерски дисциплини, на 100 и на 200 метри. Во Амстердам првпат во спонзорска улога се појави неизбежната „Кока-кола“ и првпат Игрите беа насловени како Летни олимписки игри.


Репрезентацијата на Индија беше најдобра во хокеј на трева и оттогаш па до 1956 година, шестпати по ред освојуваше златен медал. Уште една златна серија почна таа година и траеше до 1960-та, на Унгарците во дисциплината мечување со сабја.


За тогашниот олимписки дух најдобро сведочи случката на натпреварот во веслање што влезе во легендите. Австралиецот Хенри Пирс на средината од четвртфиналната трка запрел со чамецот за да пропушти јато патки да минат по езерото, но и покрај тоа, на крајот успеал да стигне прв на целта и да се закити со златен медал. Три Еврејки, членки на гимнастичката репрезентација на Холандија, освоија златни медали, но подоцна за време на Втората светска војна беа убиени од нацистите во концлогорот Собибор. По 16-годишна апстиненција, на овие Игри се појавија спортистите од Германија.


Игрите во Амстердам се одржаа во периодот од 17 мај до 12 август и на нив настапија 2.883 спортисти (277 жени) од 46 земји, кои се натпреваруваа во 15 спорта и 109 дисциплини. Единствен противкандидат на Амстердам, градот што не успеа да ја добие организацијата на Игрите во 1920 и 1924 година, му беше американскиот Лос Анџелес, кој ќе биде организатор на ЛОИ во 1932 година.          
                              
(продолжува)

No comments:

Post a Comment