Thursday, June 28, 2012

На првите Игри пливачите се бореле за живот и за победа

Олимписките игри во Лондон од 27 јули до 12 август ќе бидат 30-ти по ред. Историјата на модерните Игри почна во 1896 година. Во наредните денови „Нова Македонија“ ќе објави кратки приказни за досегашните 29. ЛОИ 

На првите модерни Летни олимписки игри (ЛОИ) што се одржале од 6 до 15 април 1896 година во Атина, настапиле 245 спортисти (над 200 биле Грци) од 14 земји во 43 спортски дисциплини. Игрите, кои привлекоа најголем број спортисти и гледачи дотогаш видени на едно место, беа прогласени за голем успех. Врв на спортскиот настан беше маратонската трка во која победи Гркот Спиридон Луис, кој беше бурно поздравен од над 100.000 гледачи на стадионот Панатинаикос.

Луис, по професија носач на вода, го освои највредниот медал за Грција во атлетика и стана национален херој. Но најуспешен спортист на Игрите беше германскиот борач и гимнастичар Карл Шуман со четири медали.


Унгарецот Алфред Хајош победи во две пливачки дисциплини, на 100 метри и на 1.200 метри, на натпреварите што се одржале во краток временски интервал на отворено море. Пливачите биле пренесувани со брод на отворено море во студената вода и потоа пливале до брегот. „Желбата за живот беше поголема од желбата да победам“, откри Хајош подоцна.






Алфред Хајош


На првите Игри немаше светски рекорди, а Американецот Томас Бурк победи во трката на 100 метри со време од 12 секунди и во трката на 400 метри (54,2 секунди). Интересно е што Бурк бил единствениот атлетичар што стартувал наведнат со коленото допрено на земјата (како и модерните атлетичари) што ги збунило судиите, кои, сепак, му дозволиле да стартува од таква „некомфорна“ положба.

Во Атина на програмата бил и тенисот, кој бил многу популарен кон крајот на 19 век, но на Игрите не се појавиле тогаш најдобрите светски тенисери. Во Атина била интонирана олимписката химна компонирана од Спирос Самарас (музика) и Костас Паламас (текст). Подоцна различни песни во повеќе различни варијанти се изведувале до ЛОИ во Рим во 1960 година. ИОК тогаш решил таа композиција на Самарас и Паламас да стане официјална химна на Олимписките игри.


Победниците на првите Игри добиле сребрен медал, маслинов венец и диплома, а второпласираните медал направен од бакар, лавров венец и диплома. Немало медали за третопласираните, но подоцна ИОК ги нотирал третопласираните како освојувачи на медали.

(продолжува)


Извор: Нова Македонија

No comments:

Post a Comment