Friday, June 29, 2012

Хаотични Игри во Париз во 1900 година!

Вторите Олимписки игри што се одржаа во Париз од 14 мај до 28 октомври 1900 година беа во рамките на Светската изложба чиј организатор беше главниот француски град. Француската влада, пак, ги презеде работите за организирањето на Игрите. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) беше ставен во втор план и немаше некои поголеми ингеренции. Баронот Де Кубертен подоцна коментираше: „Вистинско чудо е како Олимпиското движење ја преживеа изложбата во Париз“.

Развлеченоста на натпреварите во период од неколку месеци направи некои спортисти воопшто и да не знаат дека всушност настапуваат на Олимписки игри што немаа свечено отворање или затворање. Во весниците натпреварите се нарекуваа „Меѓународни игри“, „Првенство на Париз“ или „Светско првенство“. Жените првпат добија дозвола да се натпреваруваат на Игрите, а прва жена-победник стана англиската тенисерка Шарлот Купер.


Јунак на Игрите беше Американецот Алвин Кренцлејн, кој победи во четири атлетски дисциплини - 60 метри, 110 метри со пречки, 200 метри со пречки и во скок во далечина. Генерално имаше многу победници-Французи, што не е чудо, бидејќи во многу дисциплини настапија само натпреварувачи од земјата-домаќин. И во Париз победниците добиваа сребрени, а второпласираните бронзени медали.

Во маратонската трка патеката беше лошо маркирана и поради тоа многу тркачи се загубија и потоа мака мачеа да се вратат таму каде што треба. На некои делови од патеката тие беа попречувани од автомобили, мотоциклисти, пешаци, па и животни. Американецот Артур Њутон, кој заврши како петти, тврдеше дека никој не го минал на патеката, отворено сомневајќи се дека некои од неговите противници трчале по пократка патека. Како и да е, за победник беше прогласен домашниот тркач Мишел Теато.

Поновите истражувања, сепак, потврдија дека тој и не бил Французин туку Луксембуржанец и како таков се претставувал цел живот. Во атлетските натпревари доминираа Американците, а единствен победник неамериканец беше Унгарецот Рудолф Бауер, во фрлање диск.

На Игрите настапија околу 1.000 спортисти (22  жени) од 24 земји, кои се натпреваруваа во 19 спорта. Во Париз беа застапени и некои спортови што повеќе никогаш не беа третирани на ОИ, како што се автомобилизам, мотоциклизам, крикет...                                         

(Продолжува)

Извор: Нова Македонија


No comments:

Post a Comment