Wednesday, August 27, 2014

СЕДУМДЕСЕТГОДИШНИНА НА МРТ - 54 ГОДИНИ НА МТВ

Годинава Република Македонија одбележува 70-годишнини од четири значајни настани за македонскиот народ и неговото битие: Првото и Второто заседание на АСНОМ, излегувањето на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, започнувањето со работа на Македонското радио - Радио Скопје.Суштински тие интерактивно се надополнуваат. Така, МРТ како свој роден ден го одбележува 28 декември 1944 година, кога тогашниот директор Владо Малески врши директен пренос од Второто заседание на АСНОМ, иако со секојдневна програма на македонски, албански и на турски јазик Радио Скопје започнува на 28 јануари 1945 година. Во рамките на МРТ пред 54 години започна со работа и Македонската телевизија, како нов медиум значаен и за негувањето на културните, образовните и другите вредности на новата држава.

Мојата новинарска кариера е тесно поврзана со почетокот и развојот на Македонската телевизија, особено на Информативната програма, во која почнав како соработник. Потоа напредував јас, а заедно со мојата новинарска кариера растеше и Македонската телевизија, се пишуваше нејзината историја. Станав репортер, дописник, бев долгогодишен уредник на ТВ-дневник, ја формирав и бев уредник на Дописната редакција, а една деценија бев помошник-одговорен уредник на Информативната програма на МТВ и помошник-генерален директор за програмски прашања на МТВ. Поминаа многу години, но сеќавањата се живи како сето тоа да беше вчера! Тие не згаснуваат. Еве како е создадена Македонската телевизија.

Аналогно на случувањата во овој домен на Балканот, на 20 ноември 1958 година Советот на Радио Скопје го назначи Димче Божиновски за програмски раководител на групата што ќе се занимава со проектот „Формирање телевизија во Македонија“. За таа цел најнапред во 1959 и 1960 година се настојуваше да се постават ТВ-предаватели, преку кои поголем дел од Македонија ќе може да ја следи најпрвин програмата на РАИ, а потоа и на студијата што ја формираа Југословенската радио-телевизија (ЈРТ). Потоа во август 1960 година се распиша и јавен конкурс за прием на првите телевизиски кадри. На конкурсот се пријавив и јас и бев примен во постојан работен однос како приправник-соработник во Телевизија Скопје, како резултат на моето претходно новинарско искуство како хонорарен соработник на Младинската програма на Радио Скопје, но и добивањето на првата награда за уметничка фотографија на републичка изложба.

На 1 септември 1960 година беше формирана редакцијата на одделот на Телевизија Скопје, во која бевме тројца новинари и двајца сниматели, еден режисер и неколку технички кадри. На првиот состанок на редакцијата присуствуваа директорката на Радио Скопје, Веселинка Малинска, секретарот Лазо Димитровски, техничкиот раководител Тодор Џартов и програмскиот раководител Димче Божиновски, а за нови телевизиски кадри решенија добивме јас и Димче Марковски-Кафе како новинари, Благоја Прличков и Димче Гечевски како сниматели и Ацо Алексов како режисер. Техничка секретарка на редакцијата беше Лимона Лолева. На тој ден беа подготвени и снимени две информации што се емитуваа во заедничкиот ТВ-дневник на ЈРТ во Белград. Првата информација беше кратка белешка за Скопје, за времето и за почетокот на учебната година. Со тоа според наведените критериуми (снимено и емитувано) де факто се роди Македонската телевизија.

Во старата зграда на Радио Скопје, на Марксова 17, професионално почнавме да работиме како телевизија! Со тоа, меѓу првите на Балканот, започнавме со информативно телевизиско производство. Оттогаш секојдневно снимаме вести, информации, подготвивме и ТВ-репортажи за убавините на Водно и за Охрид, потоа извештаи од седници на Собранието и Извршниот совет на Македонија и друго, и сето тоа се емитуваше. Снимените ТВ-прилози од Скопје или другите градови од земјата ги праќавме со воз или ги носевме лично во Белград, каде што најчесто и ги монтиравме, за да се емитуваат во централниот дневник на ЈРТ, чија членка стана и ТВ Скопје. Се настојуваше да се емитуваат што поголем број информации од политичкиот, стопанскиот, културниот и спортскиот живот за да се создаде позитивна колективна меморија кај гледачите низ тогашна Југославија за успесите, проблемите и растежот на Република Македонија. Тоа се непобитни факти. Дури имав и среќа, а можеби беше и судбина, јас да го подготвам и првиот телевизиски прилог на македонски јазик за активноста на младите во Македонија и нивното учество на сојузната младинска акција „Изградбата на автопатот Куманово - Миладиновци“, во март 1961 година, на што сум особено горд!

На 13 мај 1961 година од студиото на ЈРТ во Белград се емитуваше во „живо“ полчасовна емисија од Македонија, со наслов „Балетски концерт“, на кој настапија солистите на МНТ Елпида Паковска и Јован Пашти. Во режија на Ацо Алексов, секретар беше Елза Џувалековска, камермани Благоја Прличков и Димче Гечевски, видеомиксер Драги Таневски, водител Драги Новаковиќ, а уредник на емисијата Евгенија Кацаволу. Тогаш и јавно како најава беше истакнато дека ТВ Скопје ја започна својата историска мисија како телевизиски сервис на Македонија. Од историска гледна точка, тоа е многу значајна роденденска емисија и прв забележителен растеж на Телевизија Скопје.

На 11 октомври 1961 година, по повод 20-годишнината од Денот на востанието, Телевизија Скопје повторно преку студио во Белград на ЈРТ емитува целовечерна програма на македонски јазик. Беа емитувани две интервјуа, а потоа беа прикажани документарните филмови: „По врвиците на слободата“ и „Прилеп вчера и денес“, како и играниот филм „Волчја ноќ“.

Потоа програмата се зголемуваше, а со тоа бројот на вработените постојано растеше и во таа година веќе бевме триесетина. Македонската телевизија со своја културно-забавна програма учествуваше и во заедничката новогодишна програма, која беше емитувана во 1962 година. Од тоа време во убаво сеќавање ми останаа ТВ-репортажите за манифестацијата „Првата Галичка свадба“ и „Првиот Охридски маратон“, емисијата „Два Илиндена“, „Поплавата во Скопје“ и други, кои успешно се емитуваа на ТВ Белград, ТВ Загреб и на Италијанската радио-телевизија (РАИ). Веќе имавме забележителна продуктивност и станавме телевизиско студио со име и презиме, горди дека бевме пред повеќе земји на Балканот, бидејќи во тоа време Бугарија, Грција, Турција и Албанија сѐ уште немаа свои ТВ-програми.

Двегодишното постоење и работа беа верифицирани на 8 септември 1962 година, кога раѓањето и постоењето на Телевизија Скопје го потврди и Извршниот совет на Република Македонија со одлуката број 020928, а името на радиодифузната станица Радио Скопје се смени и од тој ден нејзиното авизо гласи Радио-телевизија Скопје. За прв генерален директор на Радио-телевизија Скопје беше назначен Драги Тозија, а на Телевизија Скопје за директор беше назначена Лилјана Манева, која пред тоа неколку месеци беше главен уредник на одделот за телевизија. Значи, официјално постоиме и се развиваме...

По катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, повеќе од вработените во Телевизија Скопје бевме секојдневно ангажирани како репортери, известувачи и сниматели. Во тешки, а може да се каже и невозможни услови, поткрепени со невиден ентузијазам и работливост, известувавме за сето она што се случуваше во разурнатото Скопје и помагавме што поскоро Скопје да се обнови. Тие денови ние од Телевизија Скопје заедно со вработените од Радио Скопје бевме сместени под шатори кај предавателот во Маџари. За успешното информирање на светската јавност за земјотресот и за солидарната помош што доаѓаше од сите страни Радио Скопје и Телевизија Скопје добија посебни одликувања од претседателот на Југославија, Јосип Броз-Тито. Истовремено од ТВ РАИ и од Велика Британија добивме како техничка помош две репортажни коли, а од Чехословачка монтажен стол. Со преселувањето од шаторите во Маџари, на локацијата на „Техно-филм“ во Нерези, просторно и технички беа удрени темелите на телевизиски центар - Телевизија Скопје во вистинската смисла на зборот.

На 5 јуни 1964 година беше реализиран првиот директен телевизиски пренос од предавателот на Црн Врв. Секако, бев дел од тимот што го реализираше овој историски пренос, како и во екипата што на 14 декември 1964 година го подготви првиот телевизиски весник на ТВ Скопје во импровизираното студио во Долно Нерези, на кој уредник беше Димче Божиновски, камерман Љубомир Вангленаров, спикери беа Бранка Станковска и Ацо Ацев, а реализатор Ацо Алексов. Сите прилози беа од наши македонски новинари.

Во изминатите години Македонската телевизија беше респектирана во ЈРТ, почитувана и признаена како рамноправен и квалитетен член. Исто така, Македонската телевизија имаше такви атрибути во Евровизија, чиј член беше и е.

Уште повеќе што создавањето на овој значаен јавен сервис треба да се цени и како цивилизациска придобивка на државата од самите почетоци и како автентичен израз и на националниот идентитет.

Извор: Нова Македонија

No comments:

Post a Comment