Wednesday, August 13, 2014

Австралијците на целиот свет му раскажуваат дека мушичарењето потекнува од Македонија

Тасманија деновиве одбележува 150 години откако пастрмката пристигнала на територијата на овој остров во близина на Австралија. Јубилејот деновиве го одбележа и австралискиот Музеј на риболов со мушичка во Kларендон во близина на Ивандејл. Волонтерот и координатор во Музејот, Бред Гоун, на посетителите им ја раскажува приказната за пастрмката. А најчесто ја почнува со зборот - Македонија.

- Овој месец одбележуваме 150 години од пристигнувањето на пастрмката во Тасманија од Англија. Сепак, ловењето риба со мушичка т.н. мушичарење има многу постара приказна. Античките извори велат дека луѓето во Македонија користеле форма на мушичарење за да уловат риби уште пред 2.000 години. Пред повеќе од 400 години еден човек во Јапонија искористил бамбусов стап, свилен конец и мамка од свилена буба за да улови риба - раскажува Гоун.

Историските извори велат дека првите записи за употреба на вештачки мушички за ловење риба се од Kлавдиус Аелијанус кон крајот на 2 век. Тој ја опишал практиката на македонските риболовци на реката Астреаус.

Рибите полудуваат од бојата

Интернет-енциклопедијата „Википедија“ пренесува:
- ...Тие испланираа стапица за рибите. Зацврстија црвена волница околу куката, а на волницата ставија два пердува од петел кои излегуваат под волнениот дел. Стапот со кој ловат е долг шест метри, а конецот е со иста должина. Тогаш тие ја фрлаат својата мамка. Рибите, привлечени и полудени од бојата, доаѓаат директно до неа мислејќи дека ќе се нагостат вкусен оброк. Ја отвора устата, се фаќа на јадицата и добива горчлив оброк - станува заробеник - опишува тој во книгата De Natura Animalum.

Аелијанус бил римски патописец и учител роден во околината на Рим. Неговото дело е составено од 17 книги. Тој напишал дека помеѓу Берчеа и Солун тече реката Астраус (сливно подрачје на реката Струма), во која живеат риби со пеги на кожата. Блогот prirodaribolovzdravahrana1 пренесува дел од неговиот текст:

„Kако точно се викаат тие риби прашајте ги Македонците што живеат таму. Таа риба се храни со мушички што летаат околу реката и се разликуваат од мушичките што живеат на други места. Тие не изгледаат ниту како оси ниту како бумбари или пчели. Може да се каже дека се големи како бумбари, бојата им е слична како на осите, а брмчат како пчелите. Овие мушички се ројат околу реката и таму се хранат. Тамошните жители ја нарекуваат Hippouros. Во потрага по храна мушичката лета над самата вода, чиј лет нормално го забележуваат рибите. Тие се приближуваат нечујно да не го исплаши својот плен и во моментот кога ќе се најде во сенка на мушичката, рибата ја голта и се нурнува во длабочината на реката. За да ја измамат рибата, а да не употребуваат мушички, Македонците измислиле ракотворба со која ги ловат рибите - пишува блогот.

Пастрмката преживеала, но не и лососот

И мрестилиштето на пастрмка во долината Дервент во Тасманија одбележува 150 години од донесувањето на пастрмката на јужната хемисфера од планетава. Икри од пастрмка во 1864 година биле донесени со брод од Англија во мрестилиштата северно од Хобарт. Биле спакувани во кутии со мов и мраз. Икри од лосос биле транспортирани во истата деликатна, тримесечна операција, но преживеале само јајцата од пастрмката.

Икрите се извеле неколку недели откако пристигнале во новата животна средина. Рибите биле пуштени во околната река Пленти и во планинските езера на Тасманија. Потоа биле испратени во Викторија, Нов Зеланд и во Јужна Африка.

Џон Дигл од Kопнените рибарници на Тасманија вели дека ловењето пастрмка прераснало во голема индустрија во Тасманија, со 28.000 риболовци, кои секоја година си ја пробаат среќата.

- Годишно индустријата може да генерира 50 до 100 милиони. Повремените рибари, пак, донесуваат пари во економијата исто како локалните риболовци, кои даваат голем придонес во регионалната економија на Тасманија - вели Дигл.

Лососовите Езера денес се главно туристичка атракција, кои годишно привлекуваат околу 30.000 туристи. Дигл вели дека некои рибари с` уште ловат на ова езеро. Повеќе од 4.000 луѓе присуствуваа на локацијата во чест на одбележувањето на јубилејот.

Извор: Дневник, 14.05.2014

No comments:

Post a Comment