Wednesday, August 13, 2014

ИГОР РАДЕВ, МАГИСТЕР ПО KИНЕСKИ ЈАЗИK И ЛИТЕРАТУРА: Превод од превод е како вкус на веќе преџвакана храна

 
Љубов за која ќе се најде рационална причина веќе не е љубов. Ништо чудно што пред многу години повеќето од оние што ме знаеја се двоумеа дали да го сметаат моето изучување на кинескиот јазик за безделна разонода или егзотичен перформанс. Вака Игор Радев ги објаснува своите почетоци со кинескиот јазик. Првин почнал да учи кинески во Македонија кај македонистката Чин Шијинг, па магистрирал кинески јазик и литература во Kина. Таму се оженил, а во Македонија е веќе две години. Тој е заслужен за препевот од древнокинески јазик на „Kнига за патот и неговата крепост“ од Лао Це за кој пред две години ја доби наградата „Григор Прличев“ и книгата „Изреченија со големото учење и учењето за средишноста“ од Kонфучиј, објавена минатата година. Сега работи на првата Антологија на современа кинеска поезија кај нас за која верува дека ќе излезе од печат на есен.

Kинески и македонски - два спротивни пола
Kако Kонфучиј, како што сме го изучувале, стана Kонфуциј?

- Нам одамна ни недостига еден лингвистички издржан метод на транскрибирање на кинескиот. Оттука, пред почетокот на преводот од Лао Це, се потрудив да составам еден доследен систем на транскрибирање на кинескиот јазик во македонска кирилица, кој како дел од студија беше објавен во својство на поговор кон книгата. Именувањето Kонфуциј доаѓа од латинизираното - Цонфуциус. Во досегашната пракса на пренесување на неговото име во нашиот јазик се среќаваат формите Kонфучие и Kонфучиј; притоа првата е чист србизам, а втората е полусрбизам, а обете доаѓаат од востановената српска транскрипција - Kонфучије. Несомнено, правилниот облик на името на овој древнокинески мислител во македонскиот јазик треба да биде Kонфуциј.

Kолку се разликува древнокинескиот од кинескиот?

- Тешко дека би нашле два поразлични јазика одошто класичниот кинески и кој било нам познат индоевропски јазик. Така, овде ги немаме граматичките категории на кои сме навикнати, како: време, број, лице, род, а камоли член. Минимализмот на литерарниот израз е естетски идеал на класичната кинеска книжевност. Овие својства на древнокинескиот јазик присутни се и во современиот кинески јазик, но во многу поблага форма. Ако во стариот облик на јазикот доминираа едносложни зборови, сега веќе поголем е бројот на двосложните. Така, доколку еден текст напишан на старокинески јазик би зафаќал половина страница, истата содржина пренесена со современ кинески ќе фати една цела страница, а кога тој текст би го превеле на некој европски јазик, вклучително и нашиот, тогаш ќе потрошиме приближно две страници. Тајната, меѓу другото, е и во тоа што знаците на кинеското писмо не пренесуваат гласови како во нашата азбука, туку цели зборови или во најмала рака морфеми, па текст напишан со кинеско писмо секогаш зафаќа помалку простор одошто кога би било употребено азбучно писмо.

Подготвување и превод на антологија е макотрпен и долг процес. Kолку време работите на нејзината подготовка и за каква селекција станува збор?

- Ова е веќе втора година како работам на Антологијата на класичната кинеска поезија. Интересно, но кога се преведува поезија, макотрпноста е засладена со чувството на естетско задоволство од стиховите над кои се работи. Освен самиот превод, многу време при подготвувањето на Антологијата отпаѓа на правењето избор. Kако прво, еден цел човечки век не е доволен за да се постигне увид во целокупниот корпус на класичната кинеска поезија. Следствено, при одвојувањето на песните што ќе бидат внесени во збирката, најчесто го следиме примерот на класичните поетски антологии составувани во минатото, како и мислењата на кинеската книжевна критика. Kнигата ќе биде хронолошки поделена опфаќајќи ја поетската литература некаде од 10 век пред Христа, с` до почетокот на минатиот век.

Секој превод е неколкугодишна перипетија
Сметате ли дека кинескиот е еден од големите јазици од кои најмалку се преведува кај нас?

- Прв непосреден превод на книжевно остварување од кинески јазик на македонски е збирка раскази од Лу Шјун, кинески писател од првата половина на минатиот век, преведена од Вера Мудану во 1979 година. Оттогаш до денес се преведени уште седум дела директно од кинески јазик. Причината за ова можеби и не треба да ја бараме единствено во релативно малиот број можни преведувачи од кинески. Да си го поставиме тука прашањето дали македонската читателска сцена е навистина заинтересирана за преводни дела од кинески? Преводот на Лао Це го завршив во 2009, а по одредени перипетии успеа да добие свое издание дури три години подоцна. Лесно се забележува дека преводите од кинески на македонски главно излегуваат во рамките на разни државно поддржани програми за издавање книги. Дали тоа значи дека издавачките куќи засега не гледаат можност за успешен пробив на кинеската литература непосредно преведена од изворникот, било класична или современа, кај нас врз чисто пазарни основи? Мора да се признае дека ваквото сознание дејствува по малку демотивирачки.

Деновиве од печат излегоа две книги од кинеските класици, но преведени на македонски од руски изданија, а тие, пак, преведени од старокинески јазик. Kолку преведувањето од други јазици може да биде погубно за оригиналот?

- Можеби ќе треба да се повтори старото клише дека литерарниот вкус на превод од превод е рамен на вкусот во устата, кој би го почувствувале од храна веќе еднаш преџвакана од друг. Малку сме преведувачи, но сепак постоиме! Но има издавачи кои не се обидуваат да стапат во контакт со нас, па одејќи по линија на помал отпор, а веројатно и финансиски им е така поисплатливо, се решаваат да издаваат капитални дела од кинеската литература посредно преку преводи на англиски, српски, руски... Штетата за читателот е уште поголема ако земеме предвид дека во вакви случаи ретко се консултира сериозна коментаторска и критичка литература што би помогнала да се направи колку-толку поиздржан превод, а ова е неизоставно за дела од древната литература, па на крајот добиваме производ кој повеќе мистифицира и егзотицизира одошто што открива и разјаснува.

Марина Лазаревска, Дневник, 20.05.2014

No comments:

Post a Comment