Saturday, June 30, 2012

Првпат доделени златни, сребрени и бронзени медали

Третите Олимписки игри што се одржаа во Сент Луис, Мисури, САД (1 јули - 23 ноември 1904 година) беа планирани за Чикаго, но организаторите на Светската изложба во Сент Луис беа енергично против во исто време на друго место да се одржува толку голем настан.

Сребрен медал од Олимписките игри, 1904г.

Де Кубертен попушти и дозволи Игрите да се одржат во Сент Луис, но организаторите ја повторија грешката од претходните Игри. Како и во Париз 1900-та, така и во Сент Луис, Игрите траеја предолго и спортистите се загубија во хаосот на настани што се случуваа на Светската изложба, како и поради прославата на 100-годишнината од купопродажбата на Луизијана од Франција.

На овие игри првпат тројцата најдобри добија златни, сребрени и бронзени медали. Од спортовите, олимписко деби имаа боксот, борењето во слободен стил, декатлонот и кревањето товар.


Овие игри ги одбележа американскиот гимнастичар Џорџ Ајсер, кој освои шест медали иако беше инвалид, со дрвена лева нога. Франк Куглер се закити со четири медали во борење слободен стил.

Маратонската трка беше најбизарна на Игрите. Се трчаше по многу топло време, на прашлива патека полна со коњи и автомобили, кои во намера да ја чистат патеката и да ги штитат тркачите креваа уште поголема прашина.

Победник беше Британецот Томас Хикс, кој трчаше за САД, откако беше дисквалификуван Американецот Фредерик Лорц, кој поголемиот дел од 42 километри долгата патека ја минал во автомобил и се симнал непосредно пред целта!


Во маратонската трка првпат на едни Игри се појавија двајца црни Африканци од племето Цвана, како дел од Светската изложба. Еден од нив (Лен Тау) стигнал деветти на целта, но многумина очевидци велат дека веројатно ќе бил меѓу најдобрите доколку не бил бркан од агресивни кучиња повеќе од една милја надвор од патеката!


Арчи Хан, познат и како Метеорот од Милвоки, победи во три атлетски дисциплини - на 60, 100 и 200 метри. На 200 метри постави олимписки рекорд со време од 21,6 секунда што опстојуваше 28 години.

На Игрите во Сент Луис настапија околу 650 спортисти (меѓу нив само шест жени) од 12 земји во 91 спортска дисциплина. Поради оддалеченоста на Европа и големите трошоци, повеќето спортисти беа од САД, а само стотина од други земји, повеќето од Канада. Ги немаше спортистите од Велика Британија, Франција, Шведска.  

Извор: Нова Македонија

No comments:

Post a Comment